Зголемено кредитирање на компаниите во четвртиот квартал

19

Значително забрзување на кредитната активност е забележано во четвртиот квартал од минатата година, а особено е поизразено во последниот месец. При тоа забележана е и промена во структурата во полза на кредитите насочени кон корпоративниот сектор.
Ова го оцени Советот на Народната банка на Република Македонија. Овие поволни остварувања, според Советот, претставуваат индикација за можно стабилизирање на согледувањата на банките за ризиците од пласманите во овој сектор, што делумно може да призлегува и од досегашното монетарно олабавување.
Во текот на последниот квартал од годината, монетарните услови се оценуваат како непроменети, така што максималната каматна стапка на аукцијата на благајнички записи е се уште на нивото од 3,25%.
Според Советот на НБРМ, клучните макроекономски параметри во домашната економија главно се совпаѓаат со проекциите од октомврискиот циклус. И покрај тоа што закрепнувањето на странската побарувачка се одвива бавно и во првите три квартали од годината, домашната економија повторно имаше солиден раст од 3,3%, заснован врз специфичните фактори, како што се влезот на новите странски инвестиции и фискалниот импулс. Досегашните остварувања во реалната економија и најновите расположливи податоци упатуваат на натамошен солиден економски раст, на годишно ниво, и на остварување на проектираниот раст на БДП од 3,3% за целата 2013 година.
За 2014 и 2015 година, според октомвриската проекција, се предвидува натамошен раст на економијата, но со забрзано темпо, со очекувана стапка на раст на БДП од 3,7% и 4,4%, соодветно.
Во рамки на надворешниот сектор, поволните остварувања придонесоа за помал пад на девизните резерви во однос на проектираниот, така што показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се поволни, укажувајќи на комфорно ниво за апсорбирање на потенцијалните непредвидени шокови.