Зголемувањето на цените на храната во Европа ќе продолжи најмалку уште една година

70

Зголемувањето на цените на храната во Европа како последица на санкциите на ЕУ и САД против Русија поради војната во Украина ќе продолжи најмалку уште една година, предвидуваат европските експерти.

Цените на месото, млекото, тестенините, брашното и шеќерот во европските земји пораснаа во просек за осум до 10 отсто за само еден месец од војната, па експертите предвидуваат дека во следната година сè ќе поскапи барем за уште 100 отсто во споредба со денес!

За три до четири недели се очекува нов бран поскапувања во Европа, предупредуваат експертите.

„Уште пред бранот на поскапувања поради пандемијата на коронавирус целосно да стигне до потрошувачите, во Украина избувна војната, што дополнително го поттикна растот на цените. Зголемувањето на цените доаѓа во бранови. Тоа најдобро го видовме во цената на горивото. Следното повисоко поскапување ќе биде во следните три-четири недели, а поскапувањето може да трае уште најмалку една година, некаде до пролетта 2023 година би можело да дојде до одредена стабилизација“,  вели угледниот австриски економист Волфганг Шнелбехер.

Според Шнелбехер, во хемиската и машинската индустрија растот за еден месец бил на ниво на цела минатата година.

– Цената на намирниците е зголемена за цели 11 отсто, а до потрошувачите досега стигнале само пет отсто. Поскапувањето на средствата за хигиена достигна осум отсто, а само два отсто стигнаа до клиентите – додаде австрискиот експерт.

Според него, тоталниот бојкот на увозот на енергенси од Русија, кој се почесто се најавува, би имал несогледливи негативни последици.

„Досега никој не пресметал што навистина би значело целосно прекинување на снабдувањето со гас за синџирот на снабдување и производство во Европа. Тоа би било катаклизма“, предупредува Шнелбехер.