
Екстремната топлина и неколкунеделната суша предизвикаа штета од најмалку 36 милијарди евра на германската економија ова лето, проценува Гринпис, што претставува 0,8 до 0,9 проценти од вкупната економска активност на земјата.
Проценката ги вклучува економските загуби поради пропаднати земјоделски култури, пожари и трошоци за здравство, како и загубите на продуктивност и трошоците за образование предизвикани од високите температури.
„Ова лето, обележано со топлина и суша, беше катастрофа за милиони луѓе и економијата“, рече финансискиот експерт на Гринпис, Маурисио Варгас.
Националниот температурен рекорд, пишува Хина, беше соборен три дена по ред во јуни, а највисоката температура од 41,7 степени Целзиусови беше измерена во сојузната покраина Бранденбург на истокот од земјата. Во последните недели избувнаа бројни големи шумски пожари.
Гринпис проценува дека десетици милиони работни часови се изгубени поради топлината, додека се очекува долгиот сушен период значително да ги намали приносите во некои делови од земјата.
Пловидбата по внатрешните реки мораше да биде суспендирана во одредени делови поради екстремно ниските нивоа на водата на големите реки како што е Рајна. Индустриите што зависат од големи количини суровини и полуготови производи се особено погодени, вклучувајќи ја хемиската, челичната и нафтената индустрија.
Гринпис нагласи дека ова е проценка заснована на нецелосни податоци, но верува дека сепак е важно да се пресмета обемот на економската штета предизвикана од високите температури.











