Жито Маркети започна кампања за помош на семејствата од Србија и Босна и Херцеговина чии домови беа поплавени. Под мотото Заедно да помогнеме, донаторската кампања е креирана да ги вклучи и граѓаните и коминтентите на Жито маркети преку нивни донации.
Во сите 32 супермаркети се продаваат најлонски ќеси создадени наменски за донаторската акција, како и чоколадни бонбони. Преку купување на ќесите и чоколадните бонбони со слоганот на кампањата, граѓаните и самите ја поддржуваат и донираат за оштетените семејства.
Собраните средства ќе бидат наменети за купување на медицински и хигиенски препарати.
„Следевме се она што се случува во областите погодени од поплавите и трагедијата со која се соочија стотици семејства. Исто така ги следевме препораките на Црвениот Крст во однос на доставената помош и заканата од вториот бран опасност после разорните поплави. Затоа ја создадовме кампањата на овој начин, со овозможување и граѓаните да се вклучат со свој придонес, сакаме да ја подигнеме свеста за опасноста што може и нас да ни случи а не само на нашите соседи. Преку испраќање на ваква помош ние се заштитуваме и себеси, затоа што заканите од инфекции и заразни болести не признаваат граници“, изјави Далибор Ѓошевски, генерален извршен директор на Жито Маркети.
Содржината на хуманитарната помош ќе биде составена со експертска и консултантска помош на медицински тим во кој како дел од тимот ќе учествуваат и медицински стручни лица од Универзитетската клиника по хируршки болести Св. Наум Охридски, Скопје.
„Универзитетската Клиника по хируршки болести Св Наум Охридски во своето 52 годишно постоење е сведок на природните катастрофи (скопскиот земјотрес, поплавите) и сеќавањата на истите се уште постојат. Како медицински лица свесни сме и за последиците што истите можат да ги предизвикаат по здравјето на луѓето и во вториот и третиот удар од нивното настанување. Поплавените подрачја сега ќе се соочат со многу закани од заразни болести и инфекции. Ние имаме искуство со справување со кризни ситуации и со задоволство ќе го ставиме на располагање нашиот медицински стручен тим и преку советодавна и експертска помош ќе ја поддржиме донаторската кампања на Жито маркети“, изјави д-р Јасминка Чабуковска Радуловска, директор на Универзитетската клиника по хируршки болести Св. Наум Охридски.
Ќесите и чоколадните бонбони со слоганот на кампањата се веќе достапни во сите Жито Маркети низ државата. Секој купувач може да ги побара на касата и со тоа да учествува и самиот во донацијата. Првата пратка со потребните препарати ќе тргне за соседните држави во средината на месец јули. Потоа кампањата Заедно да помогнеме продолжува за втората пратка.
Кампањата Заедно да помогнеме е продолжување на веќе започнатата хумана акција на Жито Маркети, кои беа меѓу првите што испратија помош за семејствата згрижени од Црвениот Крст. Веднаш по поплавите, повеќе од 50.000 литри вода за пиење беа испратени преку хуманитарната акција на Македонија.