Златото е, сепак, злато: Се очекува вртоглав пораст на цената следната година

135

Кон крајот на 2022 година, доаѓаат добри вести за сите оние кои инвестираат во злато.

Имено, цените на овој ултра вреден благороден метал би можеле да го достигнат нивото од 4.000 долари за унца во текот на 2023 година, бидејќи зголемувањето на каматните стапки и стравувањата од рецесија ги „држат“ нестабилни пазарите.

Ова го потврди управниот директор и главен директор за инвестиции на Swiss Asia Capital, Јуерг Кинер. Тој, исто така, додаде за CNBC дека цената на златото може да достигне меѓу 2.500 и 4.000 долари „во одреден момент“ следната година.

Значи, постојат големи шанси пазарот на злато да доживее значаен потег, но како што вели Кинер, тоа „нема да биде скок од само 10% или 20%, туку потег кој навистина ќе донесе нови врвови“.

Кинер објасни дека многу економии би можеле да се соочат со „мала рецесија“ во првиот квартал од следната година, што ќе предизвика многу централни банки да го забават темпото на зголемување на каматните стапки и да го направат златото веднаш попривлечно.

Овој експерт посебно нагласува дека златото е и единствениот имот што го поседува секоја централна банка.

Според Светскиот совет за злато, централните банки купиле 400 тони злато во третиот квартал од 2022 година, што е речиси двојно повеќе од претходниот рекорд од 241 тон во истиот период во 2018 година.