Златото руши рекорди: на чекор до 4.000 долари

Златото се искачи на уште едно рекордно високо ниво – близу 4.000 долари за унца – додека затворањето на американската влада влегува во втората недела.

Цената на златото утрово се зголеми за 0,9 проценти, на рекордни 3.919 долари за унца, што, велат аналитичарите, е последица на неизвесноста кај инвеститорите поради затворањето на федералните служби во САД, па затоа инвеститорите бараат побезбедни засолништа за капиталот, како што е златото.

Доларот зајакна, јенот под притисок
И на валутните пазари, вредноста на доларот во однос на кошничката валути се зголеми, откако минатата недела падна за околу 0,5 проценти.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утрово порасна за речиси 0,4 проценти, на 98,09 поени.

Ова најмногу се должи на скокот на курсот на доларот во однос на јапонската валута за 1,6 проценти, на 149,80 јени.

Американската валута исто така зајакна во споредба со европската, за 0,2 проценти, па цената на еврото се лизна на 1,1725 долари.

Цените на нафтата пораснаа
Цените на нафтата, од друга страна, пораснаа, откако минатата недела потонаа за повеќе од 7 проценти. Во неделата, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) објави дека ќе го зголеми производството за 137.000 барели дневно во ноември, значително помалку отколку што стравуваа трговците.

На лондонскиот пазар, цената на барелот утрово се зголеми за 1,55 проценти, на 65,55 долари, додека на американскиот пазар, цената на барелот се зголеми за 1,63 проценти, на 61,85 долари.