Златото сруши рекорд: Цената надмина 3.600 долари за унца

Цената на златото достигна нов историски максимум од 3.636 долари за унца, поттикната од очекувањата дека американскиот Фед ќе ги намали каматните стапки, послабиот долар и растечките стравувања од инфлација и стагфлација во САД.

Цената на златото во понеделник надмина 3.600 долари за унца, достигнувајќи нов историски максимум, бидејќи инвеститорите очекуваат намалување на каматните стапки во САД, изразувајќи загриженост за независноста на американската централна банка.

Вредноста на златото скокна за 9 проценти во последните три недели и за дури 37 проценти од почетокот на годината. Причината лежи во растечката загриженост за инфлацијата во САД и зголемувањето на јавниот долг, што ја намали привлечноста на доларот како безбедно засолниште.

Златото достигна 3.636 долари за унца во понеделник, помалку од една недела откако за прв пат надмина 3.500 долари. Големиот поттик дојде по послабите од очекуваните податоци за пазарот на трудот во САД објавени минатиот петок.

Овие податоци ги убедија пазарите дека следната недела Федералните резерви речиси сигурно ќе ја намалат каматната стапка за најмалку четвртина процентен поен, додека некои инвеститори веќе сметаат на намалување од половина процент.

„Очекувањата за намалување на каматните стапки дополнително го зајакнуваат статусот на златото како заштита од инфлација“, рече Крис Тарнер, глобален раководител на истражување на пазарот во ING. „Реалните каматни стапки се закануваат повторно да станат негативни, а златото ќе доминира во тој сценарио.“

Пониските каматни стапки ја зголемуваат цената на златото, бидејќи инвеститорите, соочени со пониски приноси од обврзници, бараат побезбедни алтернативи. Стравот од стагфлација – висока инфлација со истовремен пад на економскиот раст – дополнително ја зголеми привлечноста на златото, особено откако почнуваат да се чувствуваат ефектите од царините на американскиот претседател Доналд Трамп.

Падот на вредноста на доларот, исто така, му даде импулс на златото. Американската валута ослабе за 10 проценти во 2025 година во однос на кошничка други валути, што го прави златото поевтино за купување во странство.

„Не е случајно што имаме најслаба прва половина од годината за доларот во последните 50 години, а во исто време и најсилен период за златото во речиси ист временски период“, рече Маја Бандари од „Нојбергер Берман“.

Глобалните инвеститори исто така бараат заштита од продажба на државни обврзници, што го прави златото попривлечен диверзификатор на портфолиото од обврзниците.

Дополнителна неизвесност предизвика иницијативата на Трамп да ја отстрани гувернерката на ФЕД, Лиса Кук, која моментално е на суд. Обидите на Белата куќа да влијае врз одлуките на најважната централна банка во светот предизвикаа страв од понатамошна инфлација, што ги поттикна инвеститорите дополнително да инвестираат во злато.

Оваа година, централните банки продолжија со рекордните купувања на злато, кои за прв пат ги надминаа средствата во евра како дел од нивните резерви минатата година.