
Еден од клучните економски индикатори во Германија, индексот на расположение кај извозниците, скокна на највисоката вредност од почетокот на војната во Украина. Затоа, оптимизмот расте во индустријата, која е еден од столбовите на економијата.
Таканаречениот барометар на расположение во извозната индустрија на економскиот институт IFO се искачи на плус 9,6 поени во август, по негативните 2,8 поени во јули. „Тоа е највисоката вредност од февруари 2022 година и најголемиот скок од јуни 2020 година“, соопшти IFO, како што објави ДПА.
Во февруари 2022 година, Русија директно ја нападна Украина, а тоа предизвика последици во еден миг, првенствено зголемување на цената на енергијата, што силно ја оптовари германската извозно ориентирана економија.
„Извозот расте“, рече Клаус Волрабе, директор за истражување во германскиот институт IFO. „Извозот во Европската Унија расте особено силно, додека продажбата во Кина слабее“.
Оптимизмот е особено изразен кај производителите на електрична опрема, уреди за обработка на податоци и електронски и оптички уреди. IFO го припишува ова на забрзаната дигитализација на економијата и инвестициите во вештачка интелигенција.
Дури и сериозно потресената автомобилска индустрија е попозитивна во врска со своите перспективи, а слична е и во производството на опрема и метални делови.
Од друга страна, пад на извозот очекуваат компаниите во хартиената индустрија и производството и преработката на метали.
Дестатис претходниот ден објави дека кварталниот економски раст ги надминал очекувањата со стапка од 0,3 проценти, што го припиша пред сè на растот на извозот.
За своите индикатори, кои се меѓу најважните во домашната економија, секој месец IFO анкетира околу 9.000 компании од сите гранки и од сите големини.










