Зошто е подобро да зборувате помалку и да слушате повеќе

24

razgovor

Фото: Pixabay

Дали сте од оние што се натпреваруваат во споделување на информации и ретко се трудите да слушнете што има да каже соговорникот? Ова е вистинско време да дознаете зошто е подобро да примените обратна тактика.

Знаењето е моќ

Колку повеќе информации и знаење ќе соберете, толку поголема моќ ќе имате. Тоа е многу важно во денешниот свет каде информацијата е сè и придонесува за успехот. Оној што зборува понекогаш кажува повеќе од она што планирал/а, додека оној што слуша се вооружува со знаење и е секогаш чекор напред, во подобра позиција.

Нема да кажете ништо за што би зажалиле

Ако денес не го кажете тоа што се планирале, тука е утрешниот ден. Но, ако споделите информација денес, следниот ден нема да можете да ја вратите. Тоа им се случило на многумина – кажан збор што нема шанса да се повлече назад. Што помалку откриете, толку помалку ќе жалите и нема да бидете во непријатна ситуација.

Нема да го”исцедите” вашиот материјал

Колку пати ви се случило да посетите предавање на вашиот омилен бизнис ментор само да чуете дека ги кажува истите работи што веќе сте ги чуле или прочитале во нивните книги? Тоа се случува од причина што повеќето луѓе имаат ограничена бројка на интересни лични анегдоти, искуства и мудри зборови. Па, така честопати ги вртиме истите работи од почеток. Информациите од ваков тип имаат големо влијание кога личноста ги слуша за прв пат. Со тоа што ќе ги зачувате за вистинскиот момент, ќе им дадете голема моќ.

Оној што зборува ќе почувствува дека некој се грижи за неа/него

Со тоа што внимателно ќе слушате наместо да зборувате ќе им покажете на луѓето дека сте заинтересирани за нив, за тоа што го кажуваат, особено ако истото навистина го мислите и чувствувате. Личноста што зборува ќе го цени вниманието што го посветувате и ќе се поврзе со вас. Тој/таа ќе се почувствува разбрано и значајно, што е одлична алатка за градење на врски, а многу користи и во продажбата.

Може да добиете информација плус

Понекогаш, случајно на тој што зборува може да му се испушти информација што не била планирана да биде споделена во тој момент. Така ќе добиете дополнителна информација на којашто не сте се надевале. Но, она што речиси секогаш е точно е тоа дека колку помалку кажувате толку повеќе ќе дознаете од соговорникот.

Кога вие ќе зборувате другите ќе ве слушаат

Кого ќе слушате повнимателно некој што уста не затвора или некој што понекогаш кажува по нешто? Ако постојано имате мислење за сè луѓето нема да сакаат да го чујат. Но, ако го одбирате вистинскиот момент и прилика да го споделите вашиот став, веројатноста внимателно да ве ислушаат е поголема. Тоа не значи дека мислењата треба да ги чувате за себе. Понекогаш е добредојдена нова идеја особено ако имате лидерска функција. Важно е да ги одберете вистинските зборови во вистинско време.