Зошто и најдобрите ја напуштаат работата?

351

Тежок е процесот на селекција и регрутирање на кадар што е соодветен за одредено работно место. Секоја работна позиција си бара одредени квалификации, стручност, знаење, искуство… за да може задачите да бидат извршени најдобро што е можно. Понекогаш за да стигне работодавачот до идеалниот кандидат ќе треба да се “изгори“ со неколку погрешни избори, но што ако го пронајде најсоодветниот кандидат, тој почне да работи, а по некое време сака да си замине?

Некои истражувања покажуваат дека менаџерите и одговорните лица се најчеста причина зошто луѓето ја напуштаат работата и бараат подобро место. Секој шеф треба да биде свесен за одговорноста што ја носи, како и за комуникацијата и довербата што треба да ја изгради со вработените. Доколку тоа затаи, тогаш дури и најдобро платените и најталентирани вработени ќе сакаат да си ја пробаат среќата на друго место. Затоа, важно е да го одржувате авторитетот што го имате, но и да ги почитувате потребите, барањата и желбите на луѓето со кои соработувате.

Иако вие сте шефот и го имате последниот збор, активно вклучувајте ги вашите вработени во сите работни процеси. На тој начин го зајакнувате нивното чувство на припадност, повеќе не се само алатка за остварување на некоја цел, туку активни учесници во сите витални процеси на компанијата. Дајте им прилика да го кажат својот став, да ви забележат на грешките, да понудат поинаква алтернатива од нивна перспектива и сето тоа за доброто на компанијата.

Како шеф треба да покажете разбирање за нивните идеи, макар и да бидат сосема поинакви од вашите убедувања. Сепак, кохезијата на тимот е во балансот на различностите. Преку разговор со факти ќе дојдете до онаа идеја што е единства и што ќе ја води компанијата до својата посакувана цел.

Не ветувајте нешто што не можете да исполните. Иако сте свесни за талентот, ефикасноста и посветеноста на вашите вработени, во овој момент се соочувате со проблеми при наплата или сте во ек на инвестирање. Тоа значи дека треба да им дадете до знаење колку ви се важни и без нив компанијата нема да стигне толку далеку и да постигне толку високи цели, но не им ветувајте зголемување на платата во тој момент. Иако тоа најдобро ќе ги мотивира вработените, ако не го исполните ветеното, само ќе ги разочарате и ќе им ја “убиете“ желбата за работа. Побарајте разбирање, бидете коректни и во следната прилика наградете ги бидејќи го заслужуваат тоа.

На некои вработени не им важно само зголемувањето на платата, туку сакаат некој друг модел на мотивирање. Организирајте кафе – средби со колегите, подобро запознајте ги, непосредноста ќе ви помогне да ја спознаете нивната личност, какви желби имаат, што ги прави среќни и така ќе изградите стратегија со којашто ќе ги задржите и ќе може да сметате на нивната лојалност уште многу време.

Фото: Freepik