Зошто JP Morgan ја тужи Tesla за над 162 милиони долари?

26

Бранот на продажба на акции на Tesla Inc. од Елон Маск продолжува втора недела откако извршниот директор на производителот на автомобили продаде повеќе од 934.000 акции во вредност од околу 930 милиони долари во понеделникот, додека истовремено искористи и опции за акции.

Во исто време, американската инвестициска банка JP Morgan Chase & Co. поднесе тужба против Tesla поради наводи за прекршување на договорот за гаранции за акции кои доспеваат оваа година. Финансиската институција соопшти дека се стреми да врати повеќе од 162 милиони долари преку тужба поднесена во понеделникот во Окружниот суд во Њујорк, според The Wall Steet Journal.

JP Morgan вели дека од Tesla се барало да ги испорача акциите или готовина доколку цената на хартиите од вредност на производителот на автомобили била над цената на гаранциите во моментот на истекот на договорот меѓу компаниите, како што е случајот. „Tesla очигледно ја игнорира својата јасна договорна обврска целосно да плати на JPMorgan“, се вели во тужбата.

Спорот меѓу најголемата американска банка и светскиот производител на автомобили со највисока оценка околу гаранциите се надополнува со тврдењето на Маск во 2018 година дека обезбедил финансирање за да ја симне Tesla од берзата, за набрзо да биде отповикана неговата изјава. Првичните обвинувања ја поттикнаа Комисијата за хартии од вредност да го тужи Маск за измама, што доведе до неколку дејствија против него, вклучувајќи ја и неговата оставка како претседател на Tesla.

За време на овие настани, JPMorgan двапати ги преиспита опциите – потег што Tesla го оспори како „неразумен“ во тоа време, покажуваат судските документи. Банката ја отфрла категоризацијата на Tesla и тврди дека нејзините дејствија за прилагодување на цените на „варантите“ (посебен вид на долгорочна хартија од вредност, што ја издава компанијата што има намера да го зголеми својот капитал, со нова емисија на акции или продажба на акции што ги има како резерва – н.з.) биле барани по договор. Цената на акцијата на Tesla во моментот на истекот на варантот оваа година беше над првобитната и прилагодена цена, се вели во документот од банката.

Tesla не го коментираше случајот за WSJ.

Продажбите од понеделник значи дека Маск продал околу 7,3 милиони акции на Tesla во вредност од околу 7,8 милијарди долари, откако пред повеќе од една недела сигнализираше дека ќе продаде до 10 отсто од акциите во компанијата.

Најновата продажба дојде откако Маск, најбогатиот човек на светот, го исмеваше сенаторот Берни Сандерс во текот на викендот. Поранешниот претседателски кандидат напиша дека ултрабогатите мора да го платат својот фер дел од даноците.

80-годишниот Сандерс, кој неуспешно се бореше за номинација на демократите во 2016 и 2020 година, во саботата на Твитер напиша дека „мора да бараме екстремно богатите да го платат својот фер дел“.

Маск, чие богатство од 286 милијарди долари го направи мета на поддржувачите на данокот на богатство, остро одговори: „Заборавам дека сè уште си жив“.