Зошто најдобрите вработени се откажуваат дури и кога им се допаѓа работата

99

otkaz-1-pixabay

Фото: Pixabay

Добриот и лојален работник тешко се наоѓа. Затоа многу е важно кон талентираните и вредни вработени да се однесувате онака како што треба, во спротивно тие можат лесно да си заминат од компанијата, а вие да изгубите многу.

Еве неколку причини зошто вработените можат да дадат отказ и покрај тоа што ја сакаат работата, според Inc:

Стагнација

Никој не сака да го работи истото со години, уште полошо до крајот на животот, без да напредува. Тапкањето во место или стагнацијата е честа причина поради која некои вработени се одлучуваат да дадат отказ. Луѓето секогаш сакаат да се движат напред, да се осетат живи.

Премногу работа

Секој вработен се соочува со периодични моменти на стрес од премногу работа. Сепак, оние најспособните најчесто се оптоварени повеќе од што можат да поднесат и ако тоа продолжи да се повторува, без никаков надомест или признание, ултимативно води до нивно откажување од работата.

Нејасни визии

Кога компанијата има големи визии и аспирации, а истите не ги претвора во реалност, односно не презентира начин за нивно остварување, тоа е знак дека еден добар работник не треба да губи време таму. Од зборови не се живее и токму затоа еден талент не сака својата енергија да ја троши на нешто нејасно и неостварливо. Луѓето сакаат да работат кога знаат дека креираат нешто конкретно и корисно.

Профитот пред луѓето

Кога една организација повеќе ја вреднува својата заработувачката од луѓето што се заслужни за неа, најдобрите вработени се одлучуваат да ја напуштат, оставајќи ги зад себе просечните и апатичните. Моралот и перформансот во таква компанија е доведен до минимум, а тоа е она што им пречи на вредните и способните. Профитот е важен, но не смее за сметка на парите да се газат луѓето кои всушност ги носат тие пари.

Недоверба

Најдобрите и најпринципиелните вработени не сакаат да работат со шеф којшто постапува неетички, се служи со лаги и манипулации и не стои на кажаното. Но, има и такви на кои не им пречи таквиот карактер и остануваат следејќи ги стапките на претпоставените.

Претерана хиерархија

Секое работно место треба да има структура и да се знае кој ги води работите. Но, ако сето тоа е направено премногу строго, ќе има многу незадоволни вработени. Ако оние способните немаат право на свое мислење и од нив се очекува само исполнување на задачите, во ниеден случај тоа нема да води кон добро. Непризнавање на талентот е само чекор напред од губење на одличен работник.