Зошто планирањето е важно за успехот на бизнисот?

1363

planiranje

Фото: Pexels

Процесот на планирање е еден од клучните чекори кон успех во бизнисот. Оваа активност го трасира патот кон посакуваните цели на компанијата во точно утврден временски период.

Ширење на производството, зголемување на бројот на вработените, оптимизирање на работните задачи, покривање на загубите од претходните години, остварување на повисока стапка на профит, ширење на регионално ниво… Ова се само дел од целите што една компанија може да ги зацрта во текот на планирањето. Во овој важен менаџерски процес откако ќе се дефинираат целите, се утврдуваат можни сценарија за нивно остварување.

Годишен план или буџет

Бизнис планирањето се заснова на потреба од согледување на можниот развој на настани во одредена временска рамка. Овозможува преку координирани деловни активности да се постигнат одредени цели, што се поставуваат врз основа на претходните искуства на компанијата, историските податоци, предвидување на одредени движења, очекувања… Планирањето ја нагласува потребата од континуирана комуникација на сите сегменти на компанијата.

Како формален облик на планирање во компанијата се појавува годишниот план или буџетот. Компанијата подготвува годишен план за да може да ги синхронизира активностите и да ги утврди оперативните цели за следната година. Овие планови често се користат и за одредување на одговорностите и овластувањата во рамки на менаџментот на компанијата. Буџетот го утврдува приказот на вкупни приливи и одливи на финансиски средства на коишто може да смета компанијата во претстојниот период.

Финансиско планирање

Целта на финансиското планирање е долгорочно управување со финансиската структура на компанијата. Овој вид на планирање ја анализира и оправданоста од користењето на одредени извори на финансирање, со цел донесување исправни финансиски одлуки кои овозможуваат креирање на вредност и зголемување на вложените средства, истовремено зачувувајќи ја финансиската стабилност.

Во рамки на планирањето се проектираат финансиските извештаи со цел да се детерминира рамката во којашто ќе се движи финансирањето, задолжувањето и управувањето со активностите на компанијата.

Финансиското планирање е од голема корист за секоја компанија бидејќи во секој момент дава увид на приливите и одливите на финансиски средства, дали се очекуваат поголеми или помали приливи во однос на претходниот период, износот на расположлива готовина, дали има потреба од дополнително финансирање, колку долго и под кои услови ќе бидат потребни позајмени финансии…

Секоја финансиска цел мора да биде мерлива и временски дефинира, за да може да се ревидира доколку има потреба за тоа. Менаџерите вклучени во процесот на финансиско планирање мора да ги знаат ефектите што ќе ги остават дефинираните финансиски цели. Препорачливо е процесот на планирање да започне што е можно поскоро бидејќи без финансиско планирање не може да се очекува ниту процес на управување со останатите клучни активности.

Во рамки на финансиските планови се вклучени повеќе важни под – планови: план за продажба, за човечките ресурси, за капитални инвестиции, за производство, набавка, одржување… Добро утврдениот финансиски план нуди и брза имплементација, доколку е проектиран на солидна основа, а овозможува и понатамошно унапредување на бизнисот.

Стратешко планирање

Стратешкото за разлика од бизнис планирањето е на подолгорочна основа. Стратешкиот план има многу поширок поглед и дава одговор на прашањата што ги поставува секој менаџер: Каде сме во овој момент? Каде сакаме да бидеме? Како да стигнеме до посакуваната позиција?

Резултат од стратешкото планирање е визијата и мисијата на компанијата, долгорочните цели, стратегиите за исполнување на проектираните бројки, план на активности и одговорни лица што ќе го надгледуваат и ревидираат процесот на остварување на целите на ниво на организација. Овој вид на планирање е задолжително за компанијата во целост, не одземајќи ниту еден просец, активност, оддел или организациона единица. Стратегијата важи за сите и сите ресурси во компанијата треба да се насочат кон предочената цел. Колку менаџерите се поискусни и попосветени на стратешките цели, толку компанијата може да очекува напредок и добри резултати на долг рок.

Планирање и контрола

Планирањето претставува појдовна, а контролата крајна точка на еден заокружен циклус во компанијата. Без план ќе нема што да се контролира за да се увиди дали и каде постојат отстапки, дали истите се оправдани или не, дали било можно развивање на подобро сценарио и дали отстапувањата се поттикнати од екстерни или интерни фактори. Контролата може да побара ревидирање на одредени планирани активности или промена на начинот на којшто организацијата ги реализирани планираните акции.

Дали компанијата може да успее без да планира?

Во морето од конкуренција, предизвици, законски регулативи, промени, компанијата мора да има добра стратегија како добро да “плива“ и да не се “удави“ пред време. Токму планирањето го нуди тоа – добро разработен план, проценка на резултатите, анализа на пазарот, согледување на конкуренцијата, отвореност за нови предизвици, следење на новитетите. Кога менаџерот пред себе нема план, којшто не мора да биде во пишана форма, тогаш секоја следна одлука што ќе ја донесе можеби ќе го дефокусира и ќе му го одвлече вниманието од оние активности што би значеле поголем успех и раст на компанијата.

Планирањето значи имплементирање на техники и методи што овозможуваат поедноставен и практичен механизам за успешно спроведување на плановите во реално време.