Зошто сè поголем број Турци купуваат недвижен имот во Грција?

Со купување недвижен имот во Грција, Турците истовремено добиваат и „златна виза“ за Европската унија. Зошто ова ги загрижува конзервативните Грци? И како воопшто се гледа турската инвестиција во недвижен имот во таа земја?

Односите на Грција со Турција одамна се комплицирани, честопати амбивалентни. Турција редовно се доживува како непредвидлив и агресивен сосед – од кој Грција мора да се заштити. Затоа Атина троши повеќе од три отсто од својот БДП на вооружување, пишува Дојче веле (DW).

Во исто време, Турците како туристи и инвеститори се генерално добредојдени низ цела Грција. Особено кога трошат пари на островите во источното Егејско Море, во морската зона меѓу Грција и Турција – каде што нормално не доаѓаат премногу туристи од земјата и од странство.

Во текот на 2024 година значително се зголеми бројот на патници кои дојдоа во Грција со траект од Турција – на околу еден и пол милион луѓе. Една година претходно ги имаше само околу 800 илјади.

Напливот на гости на малиот грчки остров Лерос, спроти турскиот брег, наликува на вистинска мала инвазија од Турција. Пред 20 години, Лерос беше познат како дом на една од најлошите психијатриски болници во Европа. Денес е туристички рај за посетителите од Турција. Фериботот од Тургутреис (во близина на Бодрум) до Лерос трае само еден час – додека од Пиреја трае речиси десет часа. Во текот на летото, стотици Турци секојдневно доаѓаат на островот, а некои веќе купиле викендички. Локалните жители со нетрпение ги очекуваат богатите туристи кои ја ценат добрата храна и пијалок.

Слична е ситуацијата на Лезбос, Хиос и Самос. Откако на крајот на 2023 година беше воведена програмата за поедноставено издавање туристички визи за десет острови (договорена по средбата меѓу Мицотакис и Ердоган), имаше вистински наплив на турски гости – не само во текот на летото.

Но, не се работи само за туризмот – расте и бројот на турски инвестиции. Тие достигнаа околу 548 милиони долари во 2024 година, иако сè  уште се мали во споредба со, да речеме, 6,8 милијарди евра германски инвестиции. Сепак, според податоците на Централната банка на Турција, тие се десет пати повисоки од 2022 година.

Турците најмногу инвестираат во недвижности бидејќи тоа им овозможува да ги добијат таканаречените „златни визи“, кои даваат право на петгодишен престој во Грција и слободно движење во Шенген зоната. По Кинезите, Турците се втората најбројна група заинтересирана за таа програма. Во 2023 година поднеле 1.356 од вкупно 9.289 барања.

Програмата „златна виза“ им помогна на многу богати граѓани надвор од ЕУ да добијат престој во Грција и други членки на ЕУ. Сепак, тоа придонесе и за растот на цените на недвижностите, особено во Атина и Солун, каде на просечните Грци им е се потешко да најдат прифатлива стан. Поради слична ситуација, Шпанија ја откажа својата програма за „златна виза“.

Грчката влада, сепак, не ја напушта програмата, туку постепено ја зголемува минималната инвестициска сума. Првично беше доволно да се инвестираат 250.000 евра. Од почетокот на 2023 година за Атина, Солун, Миконос и Санторини лимитот е зголемен на 400.000 евра. Од 1 септември 2024 година износите се зголемени на 800.000 евра за урбани и туристички популарни места, а на 400.000 евра за други.

И покрај тоа, интересот останува голем, особено кај инвеститорите од Кина, САД, Русија, Израел и – Турција. Многу Турци сè уште можат да си дозволат недвижен имот во Грција, што предизвикува зголемена загриженост кај грчките конзервативци, особено кога станува збор за купувањата во Тракија и островите во источниот дел на Егејското Море.

Загриженост во Грција
Темата стана политичко прашање, особено во владејачката партија Нова демократија (НД). Неколку пратеници од десницата се незадоволни од политиката на премиерот Мицотакис кон Турција. Сметаат дека тој е премногу попустлив кон Ердоган и бараат поостар став.

Во исто време, екстремно десничарските партии вршат притисок и бележат зголемување на популарноста, што ги принудува конзервативците од НД да се позиционираат како уште поголеми „патриоти“. Така, на крајот на март, единаесет пратеници побараа од владата да ги објави податоците за набавките на недвижен имот од лица со турско потекло во Тракија, Лезбос, Хиос и Додеканез. Официјалниот одговор сè уште се чека, но целта е постигната – темата го привлече вниманието на јавноста.

Загриженост има и во други делови од општеството – некои стравуваат дека меѓу клиентите може да има турски шпиони или мафијаши. Официјални потврди за ова нема, но грчката разузнавачка служба EYP, според владини извори, внимателно следи одредени трансакции.

Сепак, реалноста е веројатно помалку драматична. Многу нови турски сопственици се богати, секуларни луѓе кои ја напуштиле Турција и сакаат мирен живот во стабилна и помалку турбулентна земја на ЕУ. Во Тракија, повеќето купувачи се муслимани со турско потекло со државјанство на ЕУ, кои работеле со децении во Германија, Белгија или Скандинавија – и кои сакаат да ја поминат својата пензија во Грција.