Зошто виолетовата боја ја нема на државните знамиња

309

Виолетова боја никогаш не претставувала кралство, империја или држава. Знамињата на државите се во најразлични бои, украсени со секакви елементи, како орли, ѕвезди, змејови и друго. Меѓутоа, ако добро ги знаете боите и грбовите, сигурно сте забележале едно нешто, а тоа е дека на ниедно знаме ја нема виолетовата боја.

Одговорот е едноставен – виолетовата боја била прескапа до почетокот на 19 век. Токму затоа честопати била поврзувана со моќ, власт и богатство. Дури и британската кралица Елизабета Прва им забранила на сите, освен блиските членови на кралското семејство, да ја носат оваа боја.

Виолетовата боја била многу ценета затоа што била ретка. Оригиналната виолетова боја се добивала од мал морски полжав што може да се најде само во областа на денешен Либан.

И не само што било тешко да се добие бојата, туку биле потребни околу 10.000 морски полжави за да се направи еден грам виолетова боја. Од таа причина, само богатите и кралските семејства можеле да си дозволат да го обојат нивното знаме со виолетова боја.

Исто така, виолетовата боја честопати претставувала духовност и светост затоа што древните владетели кои ја носеле се сметале за богови или божји гласници на земјата.

Сепак, понекогаш оваа боја била скапа дури и за најбогатите. Римскиот владетел Аурелијан, кој владеел во 3 век, не ѝ дозволувал на сопругата да купува шалови и наметки обоени во виолетова боја, бидејќи тоа задоволство го чинело трипати повеќе од неговата тежина во злато.

Според некои проценки, 350 грама виолетова боја чинеле дури три купишта злато, што денес би изнесувало приближно 56.000 долари. Дури и најбогатите земји не можеле да си дозволат да ја имаат оваа боја на нивното знаме.

Престижниот статус на виолетовата боја се променил дури во 1856 година кога Вилијам Хенри Перкин, обидувајќи се да пронајде лек за маларија, случајно открил начин како да произведе синтетичка виолетова боја. Откако производството на бојата било олеснето, виолетовата станала достапна за сите.

Фото: Pixabay