
Најголемиот археолошки музеј во светот, чија вредност се проценува на три милијарди долари, беше отворен во Египет во саботата, поточно во непосредна близина на пирамидите во Гиза.
Станува збор за проект подготвуван повеќе од две децении, а содржи повеќе од 100.000 артефакти сместени во осумдесет сали.
Главната атракција на Големиот египетски музеј (GEM) ќе биде целата содржина на недопрената гробница на момчето крал Тутанкамон, изложени заедно за прв пат откако ја откри британскиот египтолог Хауард Картер.
Дополнително, пишува Би-Би-Си, таа ги вклучува спектакуларната златна маска, престолот и кочиите на Тутанкамон.
„Морав да размислам како можеме да го прикажеме на поинаков начин, бидејќи од откривањето на гробницата во 1922 година, изложени се околу 1.800 предмети од вкупно над 5.500 што беа во гробницата. Имав идеја да ја изложам целата гробница, што значи дека ништо не останува во магацинот и другите музеи, односно посетителите да добијат целосно искуство, онака како што Хауард Картер го имал пред повеќе од сто години“, објасни д-р Тарек Тавфик, претседател на Меѓународното здружение на египтолози и поранешен раководител на GEM.
Според „Ле Монд“, изложбата е замислена како патување низ животот и смртта на фараонот, додека целиот музеј е поделен на три единици, наречени општество, владетели и верувања.
Музејот се простира на 500.000 квадратни метри, што е со големина на седумдесет фудбалски игралишта.











