📊 Нова анкета на ЕЦБ: Очекувањата за инфлација паднаа на 2,9%

Граѓаните на еврозоната очекуваат просечната инфлација во следните 12 месеци да изнесува 2,9 проценти, што е намалување во споредба со проектираните три проценти во јуни, според јулското истражување на Европската централна банка (ЕЦБ) објавено денес.

Во исто време, анкетираните очекуваат нивните номинални приходи да пораснат само за еден процент во истиот период, што е помалку од јунските 1,1 проценти и очигледно е недоволно за да го покријат предвиденото темпо на раст на инфлацијата.

Инфлациските очекувања за следните три години, исто така, малку се намалија од јунските 2,8 проценти на 2,7 проценти, додека просечните инфлациски очекувања во Еврозоната за петгодишниот период се стабилни на 2,4 проценти.

Потрошувачите очекуваат економски пад од 1,2 отсто во следните 12 месеци, што е нешто попозитивно отколку во јуни кога се предвидуваше пад од 1,4 отсто.

Анкетираните пресметале дека во истиот период просечната невработеност ќе биде 11,2 отсто, што е исто колку што предвидуваа минатиот месец.

Истражувањето е спроведено на интернет помеѓу 2 и 27 јули на примерок од околу 19.000 возрасни потрошувачи од 11 земји од еврозоната – Белгија, Германија, Шпанија, Франција, Италија, Холандија, Ирска, Грција, Австрија, Португалија и Финска, се наведува на веб-страницата на Европската централна банка.