
На самиот раб на Егејското Море, помеѓу Крит и Пелопонез, се наоѓа Антикитера, мал грчки остров со само дваесет жители, без метеж и бучава. Мештаните го нарекуваат „рај на земјата“, место на апсолутен мир и тишина што привлекува сè повеќе туристи.
Животот на изолираниот грчки остров Антикитера, не е секогаш лесен. Во текот на зимата, често се случува бродот за снабдување да не може да плови поради немирното море, па жителите остануваат без основни потреби.
Скоро сè што е потребно за живот на малкуте селани пристигнува со брод, од храна до гориво за малкуте возила што постојат на островот.
– Понекогаш, кога морето е немирно, невозможно е да се стигне до пристаништето – рекол Панајотис Павлакис, подофицер на фериботот што доставува основни залихи на оддалечениот остров.
Сепак, за луѓето што живеат на Антикитера, сите тешкотии вредат за трудот. Тие го опишуваат својот остров како вистински земен рај.
– Нема друго место во светот каде што можете да најдете таков апсолутен мир и тишина – вели вели Јанис Цинакос, пензиониран генерал на грчките воздухопловни сили, кој денес го поминува поголемиот дел од своето време во Антикитера.
Поради стареењето на населението, селото падна на само дваесет постојани жители. Училиштето, кое беше затворено 24 години, беше повторно отворено дури минатата година, по доаѓањето на младо семејство со деца.
За да го зголемат бројот на жители, локалните власти, во соработка со Православната црква, започнаа кампања во која се обидуваат да привлечат нови семејства да се преселат на островот и да започнат живот во овој изолиран агол на Грција.
На островот има само еден кафенеион традиционално грчко кафуле, кое служи и како продавница и како главно место за собирање на локалното население во текот на целата година.
На посетителите им е достапен и мал хотел со петнаесет соби.
Во текот на летото, Антикитера повторно оживува, кога потомците на островјаните се враќаат на одмор од далечни земји, особено од Австралија, каде што многу жители емигрирале во средината на 20 век.











