02 MR Coffee Bar – место каде што може да си порачате кафе на знаковен јазик

1030

02 MR Coffee Bar е првото кафуле, сместено во центарот на Скопје, каде што може да си порачате кафе или пијалак на знаковен јазик. Во кафулето, чии сопственици се лица со оштетен слух, има дигитално мени преку кое секој кој сака може да си го порача омиленото кафе на толковен јазик. За својата претприемничка приказна, почетоците, предизвиците, плановите… направивме кратко интервју со Радмила Периќ, која заедно со нејзиното момче Мартин пред една година го основаа 02 МR Coffee Bar.

Бизнис Инфо: Како почна приказната и од каде идејата за 02 MR Coffee Bar?

Јас и Мартин многу сакаме да патуваме и да запознаваме различни култури. Имаме патувано низ повеќе држави во Европа, но пресудно беше патувањето во Холандија кое беше организирано со проект на Erasmus+. Таму бевме нешто повеќе од една година и беше навистина едно преубаво искуство, патување коешто ни ги отвори видиците многу пошироко. Видовме како лицата со оштетен слух водат сопствени бизниси и фирми од различни дејности, видовме како глувите лица се рамноправни во општеството. Инспирирани од искуството таму почнавме да размислуваме со Мартин кога ќе се вратиме во Македонија да отвориме и ние нешто свое, скромно, а сепак да биде нешто оригинално. По долго размислување решивме тоа да биде кафуле кое ќе биде инклузивно, каде глувите и слушните лица ќе се дружат заедно, каде што секој ќе има можност да комуницира на знаковен јазик и да биде разбран, секој да може да научи збор два или па ако ништо друго бар да си нарача пијалак на знаковен јазик. Така почнавме да посетуваме обуки за претприемачи и да ја реализираме нашата желба.

Бизнис Инфо: Дали поддршката од институциите е доволна за да се отвори вакво кафуле?

Добивме неповратен гранд, но вложивме и доста наши средства за да го опремиме скромно нашето кафуле.

Бизнис Инфо: Колку попреченоста може да биде пречка, а колку предност во остварување на некоја желба или идеја?

Попреченоста не треба да биде никаква пречка затоа што глувите лица се физички и ментално способни да водат сопствени бизниси и вредни за работа како и сите останати луѓе, но сепак се соочуваме со потешкотии и тоа само затоа што имаме многу малце работи и информации кои се достапни на знаковен јазик.

Бизнис Инфо: Колку вашите гости сакаат да го научат знаковниот јазик, не само за да си го порачаат омиленото кафе, туку и да комуницираат со вас?

Морам да кажам, на мое огромно задоволство дека заинтересираноста е навистина голема, имаме веќе постојани гости кои ги научија основните знаци за комуникација, ги учат пијалаците да ги кажат на знаковен јазик со помош на нашето дигитално мени.

Бизнис Инфо: Дали има сличен концепт на 02 MR Coffee во земјава и во регионот?

Колку што јас знам, во моментов нема, но гледаме дека нашите пријатели и познаници кога ќе нè посетат сè повеќе и повеќе размислуваат да започнат нешто сосем ново, што многу нè радува, затоа што досега повеќето глуви лица се одлучуваа да работат во фабрики за текстил, печатници и многу тешки физички работи.

Бизнис Инфо: Колку е тешко да се води сопствен бизнис во услови на пандемија, со кои предизвици се соочувате?

Многу тешко. Поготово во нашиот бизнис. По долги подготовки, баш кога требаше да свечено да го отвориме кафулето, прогласија пандемија и ги затворија сите угостителски објекти. Ние веќе бевме во загуба. Јас и Мартин сме единствените вработени во локалот и затоа што сме сопственици и кратко сме отворени не ни следува никаква државна помош.

Бизнис Инфо: Размислувате ли за отворање второ кафуле во Скопје или некој друг град во земјава? Поради оригиналниот концепт, дали можеби размислувате да го заштитите и да го понудите како франшиза?

Да, тоа ни беше идејата од сам старт. Би сакале поголем локал, но заради финансиски средства и пандемијата сега за сега не сме во можност. Се надеваме во иднина ќе успееме да го реализираме и тоа.