Само пет хрватски компании минатата година на странски пазари успеале да пласираат производи во вредност поголема од една милијарда куни (132 милиони евра), за разлика од 2012, кога оваа цифра ја достигнале седум компании. На листата на Лидерпрес, првото место на најголеми хрватски извозници го држи нафтената компанија Ина, со 1,09 милијарди евра, скоро 10% помалку во однос на 2012 година. Второто место го држи фармацевтската компанија Плива, со извоз од 288 милиони евра, што е пад од 7,4% во однос на 2012 година. Плива, која од 2008 година се наоѓа во составот на израелската Тева група, извезува преку 80% од производството, најмногу во Русија и САД, пренесува Т-портал.
Трет најголем извозник е Boxmark Leather, најголемиот хрватски произведувач на опрема за автомобили, со скоро 264 милиони евра. Скоро целото производство го пласира на реномирани светски произведувачи на автомобили како што се Daimler-Mercedes, Volkswagen, Audi, Porsche, BMW, Bentley, Bugatti, Maybach…
Понатаму на листата следуваат Петрокемија, Croatia Airlines, Ericsson Nikola Tesla, Eni Croatia, Подравка, TLM TVP и Кончар енергетски трансформатори.