
Нови можности за раст на домашните бизниси: Министерството за економија и труд објави јавен повик за финансиска поддршка на малите претпријатија и занаетчиите.
Министерството за економија и труд објави нов јавен повик за обезбедување финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија и занаетчии, со предвидени средства од 11 милиони и 340 илјади денари.
Програмата предвидува кофинансирање на 40% од докажаните трошоци за набавка на нови машини и алати, со лимит од најмногу 200 илјади денари по пријава. Оваа поддршка е наменета за инвестиции реализирани во текот на 2025 и 2026 година. Право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија со претежно домашен капитал, како и занаетчии регистрирани согласно важечките законски прописи. Рокот за поднесување на апликации истекува на 30 јуни 2026 година.
„Продолжуваме со конкретна поддршка на домашната економија, малите бизниси и преработувачката индустрија, со јасна цел – поголема конкурентност, модернизација и отворање можности за раст и развој. Нашата цел е јасна, да им помогнеме на домашните компании полесно да инвестираат, да го модернизираат производството, да ја зголемат продуктивноста и да создадат подобри услови за работа и развој“, истакна министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на прес-конференција.
Министерот Дурмиши информира дека покрај оваа мерка, во претстојниот период ќе бидат објавени и два значајни повици во рамки на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2026 година.
Првиот јавен повик се фокусира на надоместување на дел од трошоците за воведување, имплементација и сертификација на стандарди во преработувачката индустрија, со вкупен буџет од 2 милиони денари. Предвидено е кофинансирање на 70% од трошоците, со максимум од 200 илјади денари по компанија.
„Со ова сакаме да им помогнеме на компаниите полесно да ги исполнат меѓународните стандарди, да се вклучат во глобалните синџири на добавувачи и да ја зголемат својата извозна конкурентност“, рече министерот.
Вториот јавен повик е насочен кон зајакнување на соработката помеѓу компаниите од преработувачката индустрија и универзитетите, преку реализација на заеднички проекти. За оваа мерка се издвоени 5 милиони денари, а кофинансирањето ќе изнесува 70% од трошоците, со ограничување до 500 илјади денари по проект.
„Токму поврзувањето на бизнис секторот со науката, истражувањето и иновациите е клучно за технолошки напредок, зелена и дигитална транзиција и создавање производи со поголема додадена вредност. Во време на сериозни глобални економски предизвици, наш приоритет е поддршка на домашното производство, знаењето, иновациите и конкурентноста на македонската економија“, нагласи Дурмиши.
Министерот ги повика сите заинтересирани компании и занаетчии внимателно да ги разгледаат условите од јавните повици и да поднесат свои апликации. Детални информации, услови и потребна документација ќе бидат објавени на официјалната веб-страница на Министерството за економија и труд.











