13 принципи како да го унапредите своето лидерство според Д.Р. Гилберт

289

Зошто старите модели на лидерство даваат се помали резултати? Кои се моменталните предизвици? Кои се моделите на лидерство што ќе функционираат во иднина?

На ова, преку сопствените 13 принципи во современото лидерство, одговор ќе даде Драгиша Ристовски, основач на Д.Р. Гилберт центар груп, консултантска куќа од Белград основана со цел на што поефикасен начин да направи спој меѓу теоријата и праксата. Акцентот на авторските програми на Д.Р. Гилберт груп е од доменот на унапредување на продажните и преговарачки вештини, како и мотивација на продажниот тим.

“Kако го гледам новото лидерство? Не постојат универзални решенија, но постојат универзални принципи, општи рамки, кои можат да ви помогнат побрзо да дојдете до некои решенија што ќе бидат прилагодени на вашето работење и на вас самите”, вели Ристовски.

thumbnail_dragisa-ristovski-direktor-i-osnivac-d-r-gilbert-centra
Драгиша Ристовски, директор и основач на Д.Р. Гилберт центар груп

Ова се неговите 13 принципи за современо лидерство:

Принцип 1: Инспирација, не манипулација!

Дали сте размислувале дека сите видови влијанија што постојат се дефинирани според принципот стап и морков? Мотивацијата се дели на внатрешна и надворешна. Кои се двата основни надворешни мотиватори за движење? Задоволство позитивна мотивација и болка (страв) – негативна мотивација. Инспирација значи да бидеш инспириран од внатре. Идејата на современото лидерство е да посеете семе на инспирација. Мотивацијата зависи од чувствата, а инспирацијата работи без оглед на чувствата. Инспирацијата е поврзана со целта, суштината, поентата. Има една поговорка, “Стотина што сакаат се помоќни од илјада што мораат”. Значи со стапот и морковот само правиме зависници. Мотивацијата нè турка од позади, а инспирацијата нè влече од внатре. Секоја промена е промена од внатре. Ајде да мотивираме! Пред сè, само инспириран човек може да инспирира. Ако не сте фасцинирани од тоа што го работите, секогаш ќе изгубите од некој што е. Мојата порака е инспирирајте се себе си, за да ги инспирирате вработените.

Принцип 2: Позитивното влијание е поефикасно од негативното

Живееме во свет во кој три главни двигатели се алчност, суета и страв. Анализирајте, сè што ни праќаат бизнисот, големите корпорации, продажба, маркетинг, политика е страв, алчност, суета. Знаете што е опасно? Анализирав подлабоко и дојдов до тоа дека овие три негативни емоции се во коренот на канцерот. Не можеш секогаш да сееш негативно, а да собираш позитивно. Ова не е одржливо. Без разлика дали сме мали или големи, секој од нас може да направи нешто добро.

Принцип 3: Избалансирани интереси, одржлив бизнис

Како настанува болест? Кога ќе дојде до дисбаланс во организмот, од нешто повеќе, од друго помалку. Дали знаете која е најголемата штета за една компанија? Честата флуктуација на луѓе. Кога ќе вработите нов човек, првите три до шест месеци се чист трошок. Дали знаете зошто луѓето си заминуваат? Во 85% случаи, во прашање се меѓучовечки односи. Тоа е суштинска работа. Нема хармонија. Во бизнисот мора да постои нешто што јас го нарекувам Триглав на интерес. Што е Триглав на интерес? Имате минимум три страни на интерес во бизнисот: 1. Сопственици на капиталот и топ менаџментот, 2. работниците и 3. клиентите, потрошувачите. Ако претерате било каде, тогаш следува пропаст. На пример, ако имате задоволен топ менаџмент или сопственици, а незадоволни работници или друга крајност, ако сите сме фокусирани на потрошувачите или само на работниците. Одржливо е само наоѓањето баланс меѓу овие три сфери. Одржливото работење е хумано работење. Што значи тоа? Како да задржите добар работник? Со добар третман и некако да го вклучите да биде дел од нешто, да му дадете некаква цел. Да се однесувате хумано кон него. Мора афирмативно да се комуницира со луѓето. Што уште значи хумано работење? Ако нешто заработуваме од некаде, дел од парите треба да ги вратиме во заедницата. Мора да се занимаваме и со општествена одговорност. Нашата основна должност е да даваме. Најсилен закон на светот е законот за реципроцитет. Што уште е важно во хуманото работење? Еко стандардите. Светот не почнал од нас и не смее да заврши со нас. Мора да мислиме за иднината. Мора да имаме план за иднината.

balans

Фото: Pexels

Принцип 4: Обрнете внимание на трите основни потреби на луѓето

Секој човек има потреба за зависност. Затоа и се здружуваме во разни кругови. Сите луѓе имаат потреба да бидат дел од нешто поголемо. Тоа е втора психолошка потреба – потреба за припадност или прифаќање. Фирмата е втор дом. Затоа мора на луѓето да им се даде чувство на припадност.

Другата потреба е контра – потреба за независност. Таа се јавува во пубертетот. Што тоа значи во бизнисот? Потреба да се издигнам над мноштвото. Ако некој е најдобар во нешто, тоа треба да се истакне. Дајте му на најдобриот признание, пофалба, да се чувствува важен во очите на другите, дајте му на знаење дека го цените поради неговите лични квалитети.

Третата потреба е потреба за меѓузависност. Таа се развива после 20 и некоја година – тоа е тимска работа. Тоа е потреба да се биде дел од тим, да се работи успешно и кооперативно со другите.

Принцип 5: Конверзија на убедлив за уверлив пристап

Човекот што ќе го убедите против сопствена волја, и понатаму ќе има исто мислење. Луѓето не треба да ги убедите, туку да ги уверите. Само човек што верува во компанијата, во производот, во себе, може да биде успешен.

Принцип 6: Мотивацијата е последица, не причина

Дали знаете кога луѓето се мотивирани? Кога постои чувство на цел, кога се одговорни за нешто и кога имаат повратна информација каде се, дали напредуваат. На луѓето им треба повратна информација. Човек без цел е изгубен човек. Целта, поентата е клучна работа. Што покажува праксата? Дека ако им дадете одговорност на луѓето, тие ќе ја прифатат. Луѓето сакаат да бидат задолжени за нешто. Сакаат да добијат одговорност, но често не им ја даваме.

Принцип 7: Харизмата не е мистика, туку свесна активност

Велат дека врвните лидери се харизматични луѓе. Често им поставувам прашање на луѓето дали харизмата е дел од чиста етика или е нешто со што човек се раѓа?

Харизмата по дефиниција е способност да им го привлечете вниманието на луѓето. Како се привлекува вниманието? Со квалитет и интензитет на енергија. Енергијата по квалитет може да биде позитивна и негативна. По интензитет може да биде висока и ниска. Сега, по квалитет е емоционален избор, по интензитет е физички. Ако направиме четири квадранти како на сликата, со емоции во секој квадрант, тогаш каде е харизмата?

gilbert-1

Ако човек тенденциозно го зголеми својот квалитет на енергија и интензитет, тој станува харизматичен. Тоа е техника. Но, што не е техника? Не можете да дадете нешто што немате. Прво мора во себе да имате уверување, мора да го сакате тоа што го работите, мора да веруваш во тоа и да се надеваш.

Принцип 8: Желбата не е важна, важна е волјата

Своевремено прочитав една реченица од еден југословенски писател кој вели “Желбата е за слабите, волјата е за силните”. Што значи тоа? Некои луѓе кога сакаат нешто, ќе бидат добри. Но штом се сретнат со првата препрека, се откажуваат. Како со диетите. Значи цврста волја е суштината на карактерот. Мора да поставиме некакви стандарди и да се држиме до нив. Стандардите се дел од организационата шема. Знаете зошто не функционираат стандардите? Затоа што ги воведуваме поради формата, а не поради суштината. Во моментов лидерството и менаџментот ги убива премногу форма, премалку суштина. Се претворивме во штиклирање. Луѓето воведуваат стандарди за да штиклираат, а стандардите се воведуваат за да се спроведуваат во пракса.

Уште една важна работа е тоа што мораме да развиеме лидерска интуиција. Како може тоа да се направи, зошто е ова важно? Знаете како менаџерите донесуваат одлуки? За и против. За и против е веќе надмината техника и води во просечност.

Принцип 9: Да не ја преценуваме моќта на парите

Сите сме фокусирани на пари, пари, работа, работа… Во психологијата постои израз хомеостаза – психофизичка избалансираност. Не можеме да праќаме добри импулси ако не сме добри со себе. Успехот подразбира баланс во четири животни димензии: првата е физичка, нашето тело. Втората е емоционална, нашите емоции. На емоционално ниво секој човек има потреба да сака и да биде сакан. Третата димензија е ментална, а на крај, четвртата е духовната. Само добра избалансираност меѓу овие четири димензии можат да му дадат баланс на човек за да успее и приватно и во бизнисот.

Принцип 10: Не наседнувајте на “селф” маркетинг

Кога вработувате луѓе во продажба, постојат луѓе што знаат многу добро да се продадат, а да остварат резултати нула. Проблемот во менаџментот на Балканот е системот на негативна селекција – често вработуваме полоши од себе, затоа што се плашиме од подобрите. Но не заборавајте – со кого си, таков си. Ако се опкружиме со луѓе полоши од нас, можеме само да изгубиме.

Друга работа, кога ангажирате соработници, обрнете внимание на две работи – принцип на компетенција и принцип на кооперација. Принцип на компетенција е искуството во одредена индустрија во која работи кандидатот, знаење, а Принцип на кооперација е неговата подготвеност за соработка. Времето го покажа следново: Колку е поголема компетенцијата, толку е помала кооперацијата. И понекогаш немојте да инсистирате на компетенција, затоа што можете да наидете на луѓе што се навикнати да работат на свој начин и не сакаат да се менуваат. Она што јас сега го правам е луѓето ги бирам според доброто домашно воспитание.

Принцип 11: Карактерот е суштина, сè останато е форма!

Силниот карактер е како челик што повеќе пати е обработен. Наместо да се скрши, станува уште поцврст, вели Наполеон Хил. Клучна работа кај карактерот е доследноста. Да работите нешто што сакате и да се држите до сопствените принципи. Душко Обрадовиќ вели “Проверете дали сте добар човек – помогнете им на они кои не можат да ви вратат”. Затоа што ако му помогнеш некому што може да ви врати, тоа е веќе трговија.

promena-pixabay

Фото: Pixabay

Принцип 12: Секоја промена е промена одвнатре

Работите нема да се променат ако ние не се промениме. Живееме во свет на причина и последица. Сè што имаме во животот е последица. Ако не сме задоволни со последицата, треба да ја промениме причината. Нема вистинска промена, доколку не се промениме самите. Секој човек има различен потенцијал, но среќни се оние што ќе најдат начин да го искористат. Јас на потенцијалот гледам како на нафтено поле. Само треба да знаеш каде да продупчиш да за излезе потенцијалот. Секој од нас прво треба да ги најде сопствените мотивациски копчиња, што нè придвижува, а потоа да ги бараме тие копчиња кај вработените, што нив ги мотивира.

Принцип 13: Не е криза, туку нов начин на работење

Немаме време. Работите се променија. Што значи тоа? Старите системи веќе не функционираат. Знаете која е препораката денес во продажбата? Треба да делувате инспиративно на пазарот. Треба да добиете што повеќе симпатизери. Потоа тие симпатизери треба да го претворите во корисници. Тогаш корисниците треба да ги претворите во следбеници, а следбениците во верници, луѓе што веруваат и ја пропагираат вашата приказна. Сега борбата се води за следбеници, не за пари. Парите доаѓаат како последица. На Балканот луѓето велат “Зошто нешто да менувам кога не е во дефект”? Затоа што кога ќе се расипе, тогаш е готово. Едноставно, мора да тргнеме во пресрет на промените, а не да чекаме да ни се случуваат. Треба да бидеме проактивни, а не реактивни.

И за крај, како заклучок можам да сумирам:

  1. Премногу менаџмент, премалку лидерство ја гуши продуктивноста на компанијата.
  2. Во пресрет на предизвиците, желбата не е важна, важна е цврстата волја!
  3. Инспиративниот модел на лидерство е долгорочно поефикасно од манипулативниот.