17 милијарди долари од западните инвестициски банки замрзнати во Русија

74

Средствата на западните инвестициски банки и компании замрзнати во Русија изнесуваат најмалку 17 милијарди долари, пишува весникот „Известија“ повикувајќи се на годишните и кварталните деловни извештаи на 12-те најголеми странски инвестициски банки и компании.

Таа сума вклучува средства од JPMorgan Chase, Goldman Sachs, Morgan Stanley, BlackRock Fund, Credit Suisse, Deutsche Bank, Barclays, State Street Corporation, HSBC, UBS, City Group, иако State Street и HSBC не ги имаат вклучено во своите датотеки конкретните бројки за инвестициите во Русија.

Нивните средства биле замрзнати бидејќи Банката на Русија претходно им забранила на нерезиденти да продаваат руски хартии од вредност и да повлекуваат пари од земјата, наведува весникот, а пренесува агенцијата „Тасс“.

Според финансиските податоци на „Дојче банк“, Русија е меѓу земјите каде што нивната изложеност на кредитен ризик е најголема, со износ од 3,6 милијарди евра (или 3,87 милијарди долари).

Изложеноста на City Group во Русија изнесуваше 5,4 милијарди долари во 2021 година, додава рускиот весник.

Швајцарската банка Credit Suisse објави во извештајот дека нејзиниот кредитен нето-ризик во Русија достигнал 800 милиони швајцарски франци (830 милиони долари) на крајот на минатата година, а Goldman Sachs го проценува својот кредитен ризик на 650 милиони долари и пазарниот ризик врз основа на инвестициите на уште 414 милиони долари.

Рускиот весник забележува и дека на 25 мај беше објавено дека земјите членки на Европската Унија ги замрзнале средствата на Банката на Русија во вредност од 23 милијарди евра, што е значително помалку од претходно проценетото.