20 години од воведувањето на еврото – се користи во 19 земји од 340 милиони граѓани на ЕУ

135

Пред 20 години почнаа да се користат банкнотите и монетите на еврото.

– Пред 20 години, луѓето во еврозоната за првпат држеа евро банкноти и монети во своите раце. Оттогаш, еврото стана дел од нашиот идентитет и култура. Тоа гради мостови меѓу Европејците, напиша денеска Европската централна банка (ЕЦБ) на својот портал.

Вкупно 12 земји од ЕУ го усвоија еврото како своја валута на 1 јануари 2002 година, а денес го користат повеќе од 340 милиони луѓе во 19 земји на ЕУ, објави ЕЦБ.

– Еврото стана столб на стабилноста и еднаквоста ширум светот, благодарение на вас. Стотици милиони Европејци веруваа во него, му даваа сила, доверба и го користеа секој ден, рече во видео пораката по повод 20 годишнина од еврото директорката на Европската централна банка Кристин Лагард.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека еврото е конкретен симбол на европскиот успех, како една „сигурна, динамична и солидна валута”.

Замислено во 1970-тите со намера да ги олесни трговските трансакции и да се натпреварува со доларот, еврото физички влезе на пазарот на 1 јануари 2002 година, кога првите 12 земји од ЕУ кои почнаа да го користат мораа да ја напуштат сопствената валута.

Покрај сегашните 19 земји кои го користат еврото, во наредните години треба да се приклучат и Бугарија, Хрватска и Романија.

Еврото падна на второто место на најбезбедни валути по доларот. Сега претставува 20 отсто од светските девизни резерви наспроти 60 отсто за доларот.

По повод 20-годишнината од воведувањето на еврото, Франција денеска ќе пушти во оптек нова монета од две евра, а претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, на почетокот на декември најави дека банкнотите на еврото ќе добиваат сосема нов изглед до 2024, односно ќе бидат редизајнирани.