Дваесет компании произведуваат повеќе од половина од пластичниот отпад во целиот свет и тоа од производи за еднократна употреба.
Тие се најмногу одговорни за климатските промени и создавање на еколошки катастрофи, открива ново истражување на фондација од Австралија.
Меѓу светските компании што се одговорни за 55% од глобалниот отпад од пластична амбалажа се и државни и мултинационални компании, вклучувајќи нафтени, гасни и хемиски гиганти, пренесува Гардијан.
Тие 20 компании учествувале со повеќе од една половина во создавање на 130 милиони метрички тони пластичен отпад што е фрлен во 2019 година.
Австралија е на врвот на листата на земји со најголемо производство на пластичен отпад од предмети за еднократна употреба по глава жител, пред САД, Јужна Кореја и Велика Британија.
Нафтената компанија Exxon Mobile е најголем загадувач во оваа категорија, којашто во глобалната “планина“ на отпад учествува со 5,9 милиони тони.
Најголемата светска хемиска компанија Dow, со седиште во САД, произвела 5,5 милиони тони пластичен отпад, а кинеската компанија за нафта и гас, Sinopec; 5,3 милиони тони.
Вкупно 11 компании имаат седиште во Азија, четири во Европа, три во Северна Америка, една во Латинска Америка и една на Блискиот Исток. Нивното производство на пластика го финансираат водечки банки, меѓу кои се Barclays, Bank of America, HSBC, Citigroup и JPMorgan Chase.
Пластиката за еднократна употреба се прави само од фосилни горива, коишто се генератор на кlиматската криза и спаѓа меѓу некои од материјалите коишто најтешко се рециклираат. Само 10 до 15% од пластиката за еднократна употреба се рециклира ширум светот секоја година.
Фото: Freepik











