Рецесијата и невработеноста во 2012 година турнаа милиони Европјани во сиромаштија, стотици илјади во емиграција, а кризата не ја заобиколи ниту средната класа, ниту заштитените групи како децата, кои се опфатени со традиционалниот европски социјален систем.
Во Шпанија, четвртата економија во еврозоната, присутни се сите елементи на голема општествена криза: невработено е една четвртина работоспособно население, владата со незапаметени мерки на штедење крати пари на здравство, образование и социјална заштита, илјадници презадолжени фамилии завршија на улица. Изминатите месеци Шпанија ја потресе смртта на двајца сопственици на станови кои извршија самоубиство за да не ги извлечат од сопствениот дом затоа што не можеле да го плаќаат кредитот. По големата кампања на борците за човекови права, владата донесе мораториум на деложации.
Италија ја потресе очајнички чин на самозапалување на невработен ѕидар од Болоња кој беше судски гонет затоа што не можел да плати данок, пренесува АФП.
Состојбата е најтешка во Грција која живее под надзор на кредиторите и со невработеност од 26%. Состојбата не е подобра ниту во Португалија. Невработеноста и неможноста за отплата на кредитите турнаа цели фамилии во сиромаштија. Сиромаштијата ги погоди средната класа, но и децата. Според УНИЦЕФ, 2,2 милиони деца во Шпанија живеат на прагот на сиромаштијата. Кон крајот на ноември, португалските власти објавија дека меѓу 10.000 и 13.000 деца немаат доволно храна.
Се позагрозени се пензионерите. На толкава голема невработеност, единствени сигурни приходи беа пензиите, на кои се издржуваат цели фамилии. Невработеноста кај младите во јужна Европа достигна и 40% во некои земји. Без работа се 5,5 милиони млади Европјани на возраст од 16 до 24 години. Со оглед на лошата состојба на југот, младите се вртат кон северот. Според официјални податоци, во последните две години од Шпанија се иселиле 117.000 луѓе. Ирска во 2011 година ја напуштиле 50.000 луѓе во потрага по работа, а се очекува во 2012 година тој број да биде поголем. Ирците најмногу заминуваат во Австралија и Велика Британија, додека пак Шпанците најчесто се одлучуваат за Бразил и Венецуела. Високообразованите Шпанци ја бираат северна Европа.
Младите од јужна Европа најчесто одат за Австрија, Германија, Холандија или Норвешка. И додека северна Европа се полни со образовани кадри, југот тагува по изгубените генерации, затоа што тешко дека матичните земји ќе ги убедат поранешните студенти да се вратат и преку работа и даноци да ги вратат парите што се вложени во нивното образование.