24.000 денари плата, 80.000 денари трошоци – државата сè уште без кошница

Земјите во регионот преземаат мерки да го заштитат стандардот на граѓаните, а нашата Влада не сака ни да слушне за мерки, а уште помалку за зголемување на платите. Прашањата кои ги засегаат работниците во државата, не се однесуваат на функционерите кои си ги покачија платите на 2.000 евра месечно. Секако тие неможат да разберат дека во Македонија неможе да се живее од плата, особено ако си на минималец и месечно зимаш 24 илјади денари.

Од друга страна цените на храната и основните производи во маркетите бележат континуиран раст, а статистика измери 4,5 отсто инфлација. Јајцата се поскапени за 30 отсто, овошјето за 21 отсто, месото и маслото за 10 проценти, кафето за 26 проценти….Наместо мерки Владата реши да ги казнува маркетите, но тие продолжуваат по старо, бидејќи казните за профитите што ги прават се само „капка во море“.

-Во Македонија не функционираат пазарните принципи и општата ситуација апсолутно не изненадува. Владата воопшто не е насочена кон раздвижување на економијата и креирање на принцип на пазарна економија. Ако погледнеме длабоко во економските параметри ќе видиме дека најголеми профити остваруваат маркетите преку големите маржи кои ги ставаат на производите и големиот увоз што го прават, како и банките преку станбените кредити и провизиите што ги прават. Овие два показатели се доволен доказ за тоа каков економски амбиент постои во државата. Во Скопје постојат над 50.000 празни станови и наместо да се запре тој тренд и да се оданочат со високи стапки тие станови заради не носење на дополнителна вредност Владата не го прави тоа. На овој начин покажува дека наместо во интерес на граѓаните работи во интерес на инвеститорите и на големите маркети кои се богатат на грбот на граѓаните, изјави за „Локално„ економскиот аналитичар Синиша Пекевски.

Последната синдикална кошничка покажа дека за да го помине месецот на едно семејство потребни му се над 65.000 денари, а ако семејството живее во изнајмен стан, трошоците надминуваат 80.000 денари.

Во меѓувреме речиси цела година се чека владина кошница која требаше да покаже дека во Македонија може да се живее и со помалку од 65 илјади денари месечно.

Целиот текст на Локално.мк