25,6 милиони евра одвоени за странски компании кои работат во ТИР зоните

11

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со директорот на дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски и градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски ја посетија фабриката Гентерм, која работи во ТИРЗ Алинци.

По средбата со менаџментот на Гентерм и обиколката на производствените процеси на компанијата, вицепремиерот Битиќи посочи дека станува збор за технолошки напредна компанија, со до моментов реализирани инвестиции од над 36 милиони евра и со речиси 2.200 вработени, со кој се позиционираат во еден од најголемите индивидуални работодавачи во регионот, а нивните реализирани активности досега, покажуваат дека навистина имаат сериозни намери за водење на бизнис во нашата земја и дека бизнис климата тука е навистина на високо ниво.

“Владата на Република Северна Македонија, како никогаш до сега, води грижа за постоечките инвеститори, работи на привлекување на нови инвестиции од странски компании, но и стимулирање на вложувања од страна на домашните компании, се во интерес на побрз и одржлив економски раст, но и подобар живот на граѓаните. Кога станува збор за мерките за поддршка, би сакал да потсетам дека лани обезбедивме рекордна директна поддршка во висина од околу 65 милиони евра, на компаниите кои се во производството и инвестираат во модернизација, технолошки развој, дигитализација и развој на човечкиот потенцијал. Од тие средства 25,6 милиони евра беа одвоени за странски компании кои работат во ТИР зоните, или надовор од нив, помеѓу кои е и Гентерм. Со ова покажуваме дека имаме исклучелна посветеност кон преземените обврски од Владата во однос на исплатата на финансиски средства кон компаниите. Би сакал да ги пофалам Гентерм која е една од компаниите и која далеку пред предвидениот рок во договорот успеа да ги реализира предвидените обврски од своја страна во однос на инвестициски циклус и достигнување на бројот на вработени, а од наша страна на некој начин беа наградени со предвремена исплата на субвенции за реализацијата на договорните обврски”, нагласи Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека Владата ќе продолжи со креирање на комплементарни политики со кои ќе се поттикнува бизнис секторот. Тоа подразбира директни финансиски субвенции преку мерките од Законот за финансиска поддршка, кој оваа година ќе биде изменет и ќе бидат олеснети условите за аплицирање, мерките на Фондот за иновации и технолошки развој, мерките од Агенција за вработување за дообука и преквалификација на работната сила, а тука се и многуте инфраструктурни проекти, како и измени во закони за царински и даночни олеснувања, што претставува еден сериозен комплекс на мерки со кои нашата економија ќе добие на многу поголема конкурентност.

Директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски, рече дека заедно со вицепремиерот Битиќи промовираат еден нов, подинамичен, понепосреден контакт и комуникација со инвеститорите.

“Овој нов квалитет во нашите односи, во односите на Владата со инвеститорите ќе продолжи и понатаму. Новиот квалитет го гледаме и во тоа што ги поттикнуваме компаниите не само да ги исполнуваат своите инвестициски планови туку да одат и побрзо со исполнување на роковите и во смисла на обем на инвестиција и во смисла на работни места, па дополнително она што е исто така многу важно и во смисла на зголемување на платите. Конкретно компанијата Гентерм е еден од позитивните примери коишто минатата година го достигна предвидениот број на работни места од над 2.000 луѓе кои инаку по договорот за државна помош требаше да го достигне во 2024 година. Меѓутоа компанијата не беше сама во тој проект. Државата, Дирекцијата, Владата застана позади тоа и исто така пред време, значи 4 години пред истекот на рокот си го исполни својот дел на обврската. Со тоа испраќаме порака, јасно, до  инвеститорите дека да, сакаме да ги реализираат своите сопствени инвестициски планови и тоа да го направат побрзо и подинамично”, нагласи директорот Деспотовски.

Директорот на Гентерм, Андриј Хафинетс истакна задоволство од соработката што компанијата ја има со централната и локалната власт, при што посочи дека мисијата на компанијата е создавање и испорака на уникатни термални решенија кои ќе направат значителна разлика во секојдневниот живот, по пат на подобрување на здравјето, удобноста, комфорот и енергетската ефикасност.

“Нашата компанија произведува продукти главно за автомобилската индустрија, вклучувајќи напредни технологии за грејачи за седишта и волани, вентилатори, создаваме и технологии кои ја подобруваат енергетската ефикасност за хибридните автомобили, вклучувајќи системи за управување на светлосната енергија кои се клучните двигатели на успехот на Гентерм. Во името на Гентерм, го цениме секое признание што го добиваме за нашите фер деловни односи со Владата и државните заложби со кои обезбедуваме добра деловна клима во регионот. Ги зголемуваме нашите производствени количини од година во година, а се зголемува и бројот на вработени. Во моментов компанијата брои над 2.000 вработени. Се надеваме дека бизнис климата ќе остане поволна и во иднина за да ни овозможи да продолжиме да растеме како дел од оваа заедница”, нагласи Хафинетс.