38 млади дизајнери – илустратори испратија креативни решенија за проектот Бајки од Македонија

50

bravo sine

Младите дизајнери – илустратори покажаа огромен интерес за проектот Бајки од Македонија. На конкурсот за илустрирање на четири бајки од македонското народно творештво пристигнаа 38 целосни предлози со оригинални креативни решенија, се вели во соопштението.

Согласно условите на конкурсот што го распиша Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине, младите дизајнери – илустратори работеа на креативна илустрација на четири избрани и јазично преработени бајки од народното творештво, под наслов Бајки од Македонија. Бајките Момчето што се скри во златното јаболко, Двата Цара, Вејко Северко и Девојчето и 12 месеци беа избрани и адаптирани по стручна соработка на тимот на Движењето со Институтот за фолклор Марко Цепенков.

“Големиот број пристигнати решенија на конкурсот е потврда дека во Македонија постои креативен потенцијал кој бара можности да ѝ се претстави на јавноста. Тоа е огромна потврда за мисијата на Движењето, преку кое создадовме мост кој ја поврзува креативната енергија на младите со конкретен производ и ќе ѝ даде видлива и практична примена. Така, младите креативци наоѓаат свој простор и реализација, а македонската економија и култура добиваат нова додадена вредност“, велат од Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ Браво Сине.

Пристигнатите решенија ќе ги разгледа стручна комисија составена од членовите на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ – Браво Сине, претставник на  Институтот за фолклор Марко Цепенков и претставници на издавачката куќа Арс Ламина од Скопје, во чие издание ќе биде едицијата Бајки од Македонија наменета за најмладите, децата од пред училишната возраст. Првата награда за решението кое ќе биде оценето како најдобро изнесува 200.000 денари, а ја обезбедува Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ – Браво Сине. Изборот на најдоброто решение ќе биде извршен до крајот на јануари 2016 година, кога и ќе биде јавно објавено.

Ова е втор проект на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ – Браво сине. Минатата година успешно беше реализиран проектот Слатко од Македонија, во чии рамки млади дизајнери работеа на креативни решенија за брендирање на македонско слатко како автентичен национален производ. Седум видови слатко на домашната компанија Јоми фоод од Велес, добија нов изглед и целосно ново пакување, по што следеше и дополнителен пробив на нови странски пазари.

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ. Во активностите на движењето се вклучија голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академска заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и од целиот регион.