4,5 милиони тони житарки заглавени во украинските пристаништа

43

Обединетите нации предупредија дека војната во Украина сериозно влијае на нивната способност да ја достават итно потребната храна во земјите ширум светот бидејќи голем дел од неа е заглавена во украинските пристаништа.

„Во моментов, речиси 4,5 милиони тони жито се заглавени во украинските пристаништа и на бродови и не можат да се користат“, изјави директор на Светската програма за храна на ОН (WFP) во Германија, Мартин Фрик.

Извозот на храна е исклучително тежок бидејќи украинските пристаништа и поморските патишта се недостапни поради руската инвазија.

До почетокот на војната, Украина беше еден од најважните производители на пченица и голем производител на пченка. Многу земји зависат од евтината пченица од таа земја.

Житото е исто така клучно за глобалната помош за храна.

„Украинската храна е итно потребна ширум светот“, рече Фрик.