400.000 евра и 10 вработувања во замена за македонски пасош и државјанство

63

Со една од двете мерки што Владата на Репубилика Македонија ги усвои, предвидено е секој странец што ќе инвестира 400.000 евра во капацитет во државава (освен во угостителство и трговија) и во него ќе вработи најмалку 10 лица веднаш да добие македонско државјанство и пасош.

Целта на оваа мерка е олеснување на процедурите и стимулација на странските државјани при нивната одлука за инвестирање во Македонија.

Со другата мерка, се предвидува измена на Законот за странци, со тоа што ќе им се овозможи на странските државјани кои се жители на земјите на ЕУ и ОЕЦД, а имаат купено недвижност (куќа или стан) во Македонија во вредност над 40.000 евра, да добијат поголем временски интервал за престој во Македонија.

“Анализите покажаа дека сериозен ограничувачки фактор е законски дозволениот интервал за престој за странските државјани”, рече Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.

Законот досега наложуваше секој странец кој ќе купи куќа или стан во Македонија да не може постојано да престојува во државава, туку да добие туристички престој во траење од најмногу 3 месеци. По истекот на тие месеци странскиот државјанин требаше да ја напушти државата, и потоа доколку сака повторно да се врати во Македонија да поминат уште три месеци, за да може повторно да престојува во нашата земја уште најмногу три месеци.

“Со оваа можност ќе се зголеми атрактивноста за купување на имот во Македонија од страна на странски државјани. Граѓаните на скандинавските земји покажуваат интерес за инвестиции во оваа сфера, чии резиденти практикуваат зимскиот период во нивните земји да го искористат и подолг период да живеат во јужна Европа во нивни претходно купени имоти”, рече владиниот портпарол.

“Ние сме заинтересирани што поголем број странци да купат имот во Македонија, затоа што на тој начин прво, нашите граѓани ќе добијат приходи од продажбата на имот кој им е за продажба, ќе се зголеми цената на становите за странци, а со нивниот престој, имајќи ја предвид нивната куповна моќ, ќе имаат корист и други сектори, угостителство, трговија, туризам итн”, изјави Ѓорѓиев.

Владата преку ДКП-ата и промоторите ќе ја промовира оваа поволност во неколку странски земји, како и до пазарите на недвижности во западна, северна Европа, и Русија. Според претходните анализи на Владата постои интерес за купување на куќа или стан, и тоа особено во туристичките места, Охрид, Преспа, Маврово, Крушево и други.