48-часовна блокада во Грција: Земјоделците ја затвораат патната мрежа за камиони

Во четврток и петок е најавена 48-часовна блокада на целата национална патна мрежа во Грција, вклучително и споредните патишта, клучните сообраќајници и граничните премини, при што блокадите најверојатно ќе се однесуваат само на товарните возила.

Одлуката беше донесена на повеќечасовен состанок. Во текот на двата дена ќе биде забранет премин за камиони на граничните премини, додека сообраќајот за автобуси и патнички возила ќе се одвива непречено.

Земјоделците веќе повеќе од еден месец се на улица, револтирани од зголемените трошоци за производство и ниските откупни цени на нивните производи. Дополнително, тие реагираат и на скандалот со европските земјоделски субвенции, како и на неисплатените субвенции што им следуваат.

Меѓу нивните барања се субвенционирана електрична енергија, ослободување од ДДВ, укинување на царините за увоз од земји со кои Европската Унија има трговски договори, како и итно удвојување на пензиите.