4Ever Trophy концептот го најавува идниот SUV на Renault

56

Француската марка најави враќање на уште една легенда со претставувањето на Renault 4Ever Trophy концептот на Саемот за автомобили во Париз

Renault ја претстави модерната реинтерпретација на R4L на саемот за автомобили во Париз, иако во концептна форма. Концептот Renault 4Ever Trophy со мускулест изглед го прикажува претстојниот целосно електричен B-SUV на комопанијата кој ќе влезе во производство, со ретро дизајнерски јазик и повеќенаменски карактер.

Renault 4Ever Trophy доаѓа со некои екстравагантни стилски карактеристики кои ќе бидат ублажени за продукцискиот модел. Инаку, концептот ја слави 25-годишнината од хуманитарното рели 4L Trophy, што го објаснува off-road комплетот на концептот.

Референците на оригиналниот 4L ја вклучуваат црно обоената правоаголна решетка на предниот дел што ги опфаќа фаровите, обликот на предните браници, трапезоидните странични прозорци, заострениот заден крај и задните светла во облик на пилула. Тие се комбинирани со модерни стилски знаци, вклучувајќи ги Matrix LED графиките во стилот на пиксели, рачките на вратите, камерите што ги заменуваат огледалата, двобојниот покрив и тенките столбови. Интересна карактеристика е големиот излез за воздух на шупливата хауба што, според Renault, ја подобрува ефикасноста на радијаторот.

Концептот е обоен во Gun Metal Silver со здрава доза на пластична обвивка околу каросеријата и магента акценти. Концептот е поставен на тркала од 19 инчи со футуристички дизајн и интегрирани компресори, менувајќи го воздушниот притисок на теренските пневматици по потреба. Засилената суспензија резултира со растојание од 200 милиметри од подлогата, што во комбинација со дополнителната теренска опрема придонесува за груб изглед. Прилагодениот багажник на покривот од карбонски влакна со LED ленти содржи резервна гума, a на задната врата како додаток е поставена лопата, додека долната каросерија е засилена за да се заштити батеријата.

Ќе се произведува во ElectriCity

Компанијата вели дека R5 supermini и R4 SUV ќе бидат EV еквиваленти на Clio и Captur во нејзината идна гама. Отпечатокот на концептот е типичен за сегментот B-SUV, иако е пократок за 68 милиметри од втората генерација на Captur. Поконкретно, 4Ever Trophy е долг 4.160 милиметри, широк 1.950 мм и висок 1.900 мм, со меѓуоскино растојание од 2.570 милиметри.

Компанијата не објави детали за батеријата вградена во подот или целосно електричниот погон. Сепак, потврди дека серискиот SUV ќе се заснова на растегната верзија на архитектурата CMF-BEV и дека ќе се произведува во центарот ElectriCity во Северна Франција. Модуларната платформа, исто така, ќе ги поткрепи супермини Renault 5, хот хеч варијантата A5 Alpine и Nissan Micra.

Renault се надева дека сериската верзија на 4Ever ќе го повтори комерцијалниот успех на оригиналниот R4 кој продаде повеќе од осум милиони примероци во 100 земји во текот на три децении (1961-1992). Покрај SUV каросеријата, 4Ever ќе може да се пофали и со LCV варијанта инспирирана од Renault 4 Fourgonette, како што беше навестено во официјалниот тизер кој беше објавен минатата година. Очекуваме да дознаеме повеќе за електричните возила додека се приближуваме до нивното лансирање на пазарот.

Преземено од Avtoplus.mk