Фалсификувањето на пари не е лесна и едноставна работа, бидејќи централните банки денес имаат софистициран начин на дизајнирање и печатење на банкнотите. Но, сепак постојат “мајстори на занаетот“ што успеваат технологијата да ја стават во своја корист и да пуштат во оптек лажни пари.
До Народната банка во 2019 година се доставени 434 сомнителни книжни пари деноминирани во денари, при што по експертизата било утврдено дека 73 се оригинални, а 361 фалсификат. Народната банка е единствена овластена институција за утврдување на автентичноста на книжните и кованите пари деноминирани во денари и странски валути. Од вкупниот број на откриени фалсификувани книжни пари во 2019 година, најзастапен е апоенот од 500 денари (229 парчиња) или 63,4% од вкупниот број на фалсификати. Следни најмногу фалсификувани пари се 100-денарките (82 парчиња) или 22,7% од вкупниот број на фалсификат, додека лани се направени 37 лажни илјадарки или 10,3% од вкупниот број на фалсификувани денари.
Според податоците на Народна банка, бројот на утврдени фалсификувани книжни пари откриени во текот на 2019 година е повисок за 57% во однос на 2018 година. Вкупната вредност на фалсификуваните денари во 2019 година е 183.750 денари.
Во однос на извршените анализи на сомнителни пари деноминирани во странски валути, во 2019 година, од вкупно 591 направена анализа, се утврдени 216 фалсификувани пари и 375 оригинали. Во вкупниот број на фалсификувани книжни пари, најзастапени се книжните пари во евра (124 парчиња) и американски долари (53 парчиња).
Во текот на ланската година, бројот на фалсификувани ковани пари е незначителен и се сведува на 13 парчиња ковани пари од по две евра.
Во 2018 година, до Народната банка се доставени 358 сомнителни книжни пари деноминирани во денари, по што анализата утврдила дека 128 се оригинали, а останатите 230 примероци се фалсификат.
Во 2018 година, бројот на фалсификувани книжни пари е за 43% помал во споредба со 2017 година. Во 2018 година, исто така, најмногу се фалсификувала 500-денарката (136 парчиња) или 59,1% од вкупниот број на фалсификати. Потоа следуваат илјадарките со 44 парчиња или 19,1% од вкупниот број, а зад нив се апоените од 100 денари (35 парчиња) или 15,2%. Вкупната вредност на фалсификуваните пари во 2018 година е 134.210 денари.
Во однос на извршените експертизи на доставените сомнителни книжни и ковани пари деноминирани во странски валути во 2018 година, од вкупно 1.031 направена анализа, се утврдени 919 фалсификувани пари и 112 оригинални пари. Во вкупниот број фалсификувани книжни пари, најзастапени се книжните пари во американски долари (731 парче) и евра (149 парчиња).
Бројот на регистрирани фалсификувани ковани пари е незначителен и се сведува на вкупна количина од четири парчиња во апоен од две евра. Општата оценка на Народната банка е дека фалсификуваните книжни и ковани пари имаат релативно лош квалитет на изработка, што овозможува едноставно и лесно откривање и утврдување на нивните карактеристики.
Добро е да се знае дека фалсификувањето пари претставува казниво дело според Кривичниот законик на нашава земја, каде членот 268 гласи: Тој што ќе направи лажни пари со намера да ги пушти во оптек како вистински или тој ќе преиначи вистински пари со намера да ги пушти во оптек или тој што такви лажни пари ќе пушти во оптек, ќе се казни со затвор од една до 10 години. Истиот закон вели и дека тој што лажните пари ги примил како вистински ќе ги пушти во оптек и тој што знаел дека се направени лажни пари или дека лажни пари се пуштени во оптек, па тоа нема да го пријави, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
Фото: Народна банка