Вкупната потрошувачка на енергија ќе се зголеми за 4% во 2016 година

57

dalekovod

Вкупната потрошувачка на енергија во Македонија во 2016 година ќе се зголеми за 4% во однос на тековнава година, предвидува Предлог енергетскиот биланс за 2016 година што беше презентиран пред Македонската енергетска асоцијација (МЕА), пишува Миа.

Предлог енергетскиот биланс е документ кој ја содржи целокупната потрошувачка на сите енергенси во државата за годината што следи и ги опишува консументите, односно потрошувачката на енергијата.

Во документот што го изработи Министерството за економија се опфатени сите енергенси и се прецизира дека догодина ќе се потроши за 3% повеќе нафта и нафтени деривати од годинава и за 4% повеќе електрична енергија. Веќе неколку години во континуитет се предвидува и зголемена потрошувачка на природен гас, биомаса и на останатите типови на енергии.

Зголемените потреби од енергија ќе се обезбедат од домашни извори и од увоз. Нафтата и нафтените деривати и гасот во целост ќе се обезбедат од увоз, а кај електричната енергија во зависност од хидрологијата и цената на гасот и на струјата ќе зависи активноста на ТЕ – ТО, а според тоа, пак, ќе варира процентот на домашно произведена и увезена електрична енергија.

“Во структурата на енергијата 50% отпаѓа на нафтата и нaфтените деривати, 31% на електричната енергија, а 9% биомасата и сите останати водови на енергенси. Најголема потрошувачка на енергија 32% има во сообраќајот, 29% од енергијата ја троши индустријата, 25% домаќинствата, а 14% сите останати чинители. Радува фактот што се предвидува и зголемена потрошувачка на природниот гас што е исклучително позитивно, бидејќи  станува збор за еколошко гориво кое треба што е можно повеќе да биде застапено“, изјави претседателот на МЕА, Кочо Анѓушев пред почетокот на презентацијата.

Тој нагласи дека МЕА посебно ја поддржува инцијативата гасот да се спроведе до домаќинствата, зашто, како што рече, е најекономичен за потрошувачка.

“Обновливите извори на енергија секоја година заземаат сè поголемо учество во енергетскиот биланс во производството на енергија, а посебно во делот на електрична енергија. За 2016 година се предвидува околу 16% од финалната енергија да биде од обновливи извори на енергија“, рече Анѓушев и додаде дека сè поголем процент во производството на енергија имаат малите хидроелектрани, фотоволтаиците, ветерните електрани и биомасата.

Прецизира дека производството на домашна електрична енергија во голема мерка ќе зависи од хидролошката состојба и каква ќе биде активноста на гасната eлектрана ТЕ – ТО.

“Предвидено е домашното производство на електрична енергија да има 1% покачување во однос на 2014 година или, пак, да остане на исто ниво или да има сосема мало намалување во однос на годинава. ТЕ – ТО треба да учествува со повеќе од 400 гигават часови во домашното производство во 2016 година“, рече Анѓушев.

Истакна дека 20% од електричната енергија во Македонија ја трошат шест компани – Фени, Југохром, Макстил, Арчелормитал, Бучим и Цементарница.

“Овие компании не можат однапред да знаат какви ќе бидат цените на нивните производи на светскиот пазар и затоа не можат точно да предвидат колку енергија ќе потрошат. Доколку Фени, кој е најголем потрошувач на електрична енергија во Македонија, работи со полн капацитет, односно со двете печки троши од 90 до 100 мегавати, а кога има половична активност потрошувачката паѓа на 45 мегавати. Ако се има предвид дека тоа е околу 10% од вкупната потрошувачка на електрична енергија во Македонија само запирањето на една печка во Фени автоматски го менува енергетскито биланс за 5% проценти“, нагласи Анѓушев.