Компанијата ОКТА ја доби наградата Најдобра социјално одговорна практика за кампањата Шанса за живот. Интернационалната награда за спроведување на најуспешнатаопштествено одговорна кампања ја доделува CSR for ALL, проект создаден од Европската Унија, а во земјава имплементиран од страна на Бизнис Конфедерација на Македонија. Во презентации од девет земји учеснички во проектот, Шанса за живот е издвоена како општествено одговорна практика што најмногу се истакна на интернационално ниво со своето влијанието врз заедницата и промената што ја предизвика.
“Ова признание не е само на ОКТА, туку на сите индивидуалци,организации и компании кои активно се вклучија и нè подржуваа изминативе две години. Шанса за живот е кампања која наиде на одличен одѕив во јавноста и остави значаен белег и бенефит за целата заедница. За нас во ОКТА, одговорноста кон заедницата е вграден механизам во секојдневната работа на компанијата, нејзините политики и бизнис стратегија. Континуирано се залагаме за одржлив развој, интегрирајќи го концептот на општествена одговорност, не само поради етичка обврска, туку поради фактот што ОКТА и нејзините вработени се исто така дел од оваа заедницата”, изјави Марија Ставрева, менаџер за општествена одговорност и комуникации во ОКТА.
Наградата беше врачена од Јаромир Левичек, раководител за економија и финансии во Делегацијата на Европската комисија во Македонија, кој истакна: “Ваков тип на настани го промовираат духот на добра корпоративна практика и на овој начин се охрабруваат сите лидери во зедницата и се инсиприраат другите компании за нивни иницијативи.Се надевам дека оваа награда на ОКТА ќе ги охрабри и останатите во оваа област да го следат овој пример.”
Кампањата и ангажманот на компанијата беше оценет од Бизнис Конфедерација на Македонија, проектен партнер на CSR for ALL.
„Корпоративната култура и човечкиот капитал се најважниот дел од една компанија, затоа е битно компаниите да ги следат меѓународните стандарди. Важноста на таквото делување и наградата што доаѓа како меѓународно признание говори многу повеќе за компанијата. Во опсервирање на активностите и кампањите ги мериме сите можни аспекти, ангажманот, компаниската култура и ефектот врз вработените, крајниот ефект и секако влијанието што извесна општествено одговорна активност ја има врз пошироката заедница односно целото општество“, изјави Миле Бошков, претседател на Бизнис Конфедерација на Македонија.
За ефектите од кампањата Шанса за живот, говореше директорката на Клиниката за детски болести Скопје, Аспазија Софијанова.
„Кампањата Шанса за живот е она што треба да им се случи на сите здравствени установи во државата. Една толку моќна порака, еден повик за помош испратен токму од оние на кои најмногу им е потребна. Под оваа единствена цел се обединивме и ние вработените, родителите кои некогаш биле наши пациенти, организации, компании и граѓани од целата држава. Тоа е вистинскиот и најголемиот придонес од ОКТА, што создаде таква кампања што нè здружува во единствена хумана мисија. Нашата грижа, како доктори, професионалци за предвремено и бебињата родени со компликации е неприкосновена, но некогаш и нашата интервенција е ограничена од апаратурата што ја имаме на располагање и токму тука беше лоцирана помошта од ОКТА и кампањата Шанса за живот. Тоа помогна во голема мера за подобрување на состојбата, обезбедување на нова и функционална опрема и спасување на животи“, изјави Софијанова.
Шанса за живот е кампања иницирана од компанијата ОКТА со цел подигнување на јавната свест за подобрување на условите на Клиниката за детски болести Скопје, која започна во почетокот на 2014 година. Низ корпоративна одлука од компанијата за вложување во заедницата, како и поттикнување на индивидуалци и организации за истиот придонес, Интензивниот оддел доби нов инкубатор, бејбитерм, а се сервисираше и останатата медицинска опрема неопходна за нормално функционирање на одделот. Заштитен знак на кампањата Шанса за живот е црвено-белата гумена алка што асоцира на идентификациските алки што се даваат на мајката и новороденчето во родилиштето. За секое вложување од минимум 100 денари во одбележаните кутии на бензинските пумпи на ОКТА, граѓаните добиваат ваква алка за поддршка на кампањата. Беше отворена и наменска сметка како можност за придонесза кампањата, а воедно и со вртење на телефонските линии 070/075/077 14 33 33. Кампањата ја поддржаа и преку педесет истакнати личности од јавниот и социјалниот живот, а повеќе од 16.000 илјади поддржувачи активно ја следат на социјалните мрежи. За што поголем ефект и зголемување на свеста за потребите на интензивното одделение, со помош на неколку поп артисти беше направена и песна со официјален видео спот.