оне.Вип започна изградба на нова интегрирана мрежа

36

one vip logo

Следејќи ги своите заложби за обезбедување повеќе вредност за корисниците и уште подобри и нови услуги, оне.Вип ја започна изградбата на новата интегрирана мобилна мрежа, се вели во соопштението.

Проектот за интеграција на мобилните мрежи, што значи создавање на нова мрежа започнува на крајот на 2015 година и ќе се одвива регион по регион. Придобивките на новата мрежа ќе бидат достапни за поголемиот дел од корисниците кон крајот на 2016 година.

Следствено на правното спојување, оне.Вип започна неколку комплексни проекти кои ќе донесат повеќе придобивки за сите кориснички групи. Новата мобилна мрежа ќе има за цел на сите корисници на оне.Вип да им обезбеди значително поголеми капацитети на 3Г технологијата, поголема мрежна покриеност на целата територија на земјата и 4Г ЛТЕ достапност низ цела Македонија, со цел да се обезбеди најдобро корисничко искуство и најнови светски технолошки достигнувања во мобилниот сегмент.

“Со создавањето на споениот ентитет, оне.Вип, создадовме компанија со посилен капацитет за инвестирање и се обврзавме да ги донесеме најновите технолошки предности во земјата, да обезбедиме подобар квалитет на услугите, нови иновативни услуги базирани на најмодерни мрежи и планираме воведување на ЛТЕ технологијата ширум Македонија. Со почетокот на изградбата на новата интегрирана мобилна мрежа на крајот на оваа година, со гордост најавуваме дека ќе донесеме најдобри услуги за сите наши корисници во текот на наредната година. Процесот е комплексен, паралелно го водиме редовното работење на компанијата и уште други нови проекти кои се планираат за 2016 година. А за една година отсега, навистина ќе бидеме прв избор во комуникациите за нашите корисници, изјави Никола Љушев, извршен директор на оне.Вип.

Паралелно, оне.Вип и Близу ќе бидат силно фокусирани на целосна модернизација и проширување на фиксната мрежна инфраструктура, со што создаваат целосно конвергентен оператор со можности да понуди најдобри конвергентни услуги.

Инвестициите планирани за наредната година се во двоцифрен износ на милиони евра, само во мрежи и инфраструктура.

“Претставува голема привилегија и можност да се работи на овие проекти на воведување конвергентни мрежи и да се искористат сите синергии кои ги имаме, инвестирајќи во сите телекомуникациски сегменти во Македонија. Збогатувањето на понудата со најновите светски технолошки достигнувања и понатамошното подобрување на квалитетот и развојот на иновативни услуги базирани на 4Г ЛТЕ технологија, што заедно со надградената кабелска инфраструктура за големи брзини и капацитет, ќе овозможи да создадеме најдобро конвергентно портфолио за македонските корисници. Истовремено, ќе ја поттикнеме и охрабриме конкурентноста, ќе инвестираме во инфраструктура, иновации и технологија, со што ќе придонесеме за општиот развој на економијата во Македонија. Имаме силни тимови, добри планови, инвестициски капацитет одобрен од нашите акционери и огромна волја да го донесеме најдоброто од телекомуникацискиот сектор во Македонија“, истакна Адријан Јежина, главен технички директор  на оне.Вип.

Со спојувањето на Вип и Оне, во октомври 2015 година, новоформираната компанија оне.Вип прерасна во еден од најголемите телекомуникациски оператори во Република Македонија, кој опслужува над 1,3 милиони корисници со услуги на мобилна и фиксна телефонија, интернет комуникација и телевизија.

Со спојувањето, во периодот до целосна интеграција на сите оперативни и технички системи, што се очекува да заврши на крајот на 2016 година, оне.Вип ќе продолжи да работи преку посебни мрежи, системи за наплата, тарифни портфолија и продажни места на ОНЕ и Вип брендот. Со спојувањето, оне.Вип се обврза дека по периодот на целосна интеграција ќе создаде нов, дополнителен квалитет за корисниците и ќе обезбеди понатамошен развој на пазарот. На крајот на овој процес, новата компанија ќе може да ги обезбеди сите најнови комуникациски услуги на едно место, со најдобар квалитет и најдобро севкупно корисничко искуство.