Британскиот вински гуру Џенсис Робинсон, која воедно е и колумнист на реномираниот весник Фајненшл тајмс, на својот веб – сајт го издвои виното Вранец на македонската винарија Стоби како главна препорака за Божиќ.
Робинсон, која е и советник за винската визба на кралицата Елизабета Втора, посочува дека црвеното вино од бербата од 2011 година е врвен избор за празничната трпеза.
“Некои неверојатно добри вина може да се најдат на најмалку очекуваните места. Вранец на винаријата Стоби би чинело двојно повеќе доколку доаѓаше од некоја очекувана, мејнстрим локација, а не од Република Македонија. Очигледно многу вешто е мешано од мојата колешка која исто така ја има титулата Master of Wine, Каролин Гилби и е специјалист за вински прашања и за Југоисточна Европа“, пишува Џенсис Робинсон.
Вината на Стоби уште со појавувањето на британскиот и американскиот пазар постојано добиваат врвни оценки од критичарите во некои од најреномираните медиуми. Англискиот критичар Пол Капуто посочува дека винаријата можеби не е најголемата во Македонија, но со производството од четири милиони шишиња годишно сигурно е еден од посилните играчи на пазарот. Годинава и американскиот весник Волстрит журнал го рангираше виното Жилавка на Стоби меѓу топ пет пролетни вина во светот. Додека Вранец од бербата од 2012 година беше препорачан од реномираниот Вашингтон пост и ја доби оценката – одличен.
Винаријата Стоби е основана во 2008 година и годишно произведува околу 4,5 милиони литри висококвалитетно македонско вино распределено во четири категории – премиум, елит, класик и традиционални. Неодамна беа промовирани шест нови премиум вина Акација, Аура, Аксиос, Аминта, Вердо и Веритас кои го претставуваат “најдоброто меѓу најдоброто“ создадено од стручниот тим на винаријата.