“Клучни прашања на кои секој претприемач треба да има одговор” е темата на првиот настан од Top Class програмата – генерација 6 на CEED Mакедонија, што ќе се одржи утре со почеток во 15 часот, во просториите на CEED.
Во панел дискусијата ќе учествуваат Љубица Рубен, сопственик и управител на Менс Легис, Мирче Чекреџи, сопственик на Аркус Дизајн и Муарем Муртезани, генерален менаџер на Алма-М.
Г-ѓа Љубица Рубен има повеќе од триесетгодишно искуство, десет години како Директор на Правниот сектор на фирмата Центрохемија Експорт-Импорт Скопје, тригодишно искуство како новинар од областа на правото, а од 1989 до 2002 работи како самостоен адвокат. Во 1995 ја формира правната фирма Менс Легис, која е прва компанија за вршење на правни услуги во Македонија. Соработува со канцеларии од Њујорк, Лондон, Рим, Берлин, Москва, Брисел, Стокхолм и Монте Карло. Менс Легис има искусен тим од правници и дваесет надворешни консултанти и адвокати, кои се специјализирани во различни области на правото.
Г-дин Мирче Чекреџи, како еден од партнерите во Фонко, има долгодишно искуство во проширувањето на бизнисот надвор од македонскиот пазар во сите фази на развој на компанијата. Денес е сопственик на Аркус Дизајн, компанија специјализирана за графички дизајн и производство на печатени материјали. Компанијата успешно делува од 2000 година и во моментов има тим од 24 вработени.
Компанијата Алма-М е основана во 1991 година. Основна дејност им е трговија на големо и мало, увоз, извоз и дистрибуција на стоки за широка потрошувачка. Од 1996 година вршат увоз, дистрибуција и продажба на производите на Wrigley, од 2005 година се мастер дилери на производите и услугите на Т-Мобиле, а од 2006 година се дистрибутери на најголемата светска компанија за храна Nestle на територија на Македонија. Во моментов имаат повеќе од 180 вработени и располагаат со имот од 30.000 метри квадратни.
CEED Top Class е ексклузивна програма во која се селектираат претприемачи и менаџери во подем, кои индивидуално, во период од една година имаат уникатна можност за менторство од тројца најдобри македонски и регионални претприемачи и менаџери. На учесниците на оваа програма, покрај размената на искуства, им се овозможуваат директни средби со локални компании и компании од регионот и светот, како и пристап до инвеститори од Македонија, регионот, Европа и Сад, контакти со проектите на УСАИД и други меѓународни организации.