Дипломирани електротехнички, машински и градежни инженери и архитекти од Република Македонија, од саботата на Факултетот за електротехника и информациски технологии, почнаа со едукација за Згради со енергија близу до нула (Nearly Zero Energy Buildings – NZEB). Тренингот курсот се изведува во рамки на проектот Форум за енергетски професионални вештини (MEnS), финансиран од Европската Унија преку програмата Хоризонт 2020.
За раководителот на проектот, професор Властимир Гламочанин, проектот произлегува од европската директива која предвидува до 2018 година сите државни згради во земјите на Европската Унија да бидат Згради со енергија близу до нула, односно до 2020 година сите згради да се градат согласно овој стандард.
„Оваа директива на ЕУ ќе се воведе и во македонското законодавство, што значи дека ќе треба да почне и да се применува. Затоа, ние ги едуцираме инженерите за овој стандард. Целта е да се намали потрошувачката на електрична енергија, која моментално, во земјите на ЕУ опфаќа 40% од вкупната потрошувачка на струја. Со ова ќе се намали и емисијата на штетни гасови за 30%“, вели професор Гламочанин.
Тој објаснува дека и во Македонија се градат згради со енергетска ефикасност, но стандардот NZEB е највисокото ниво и, според проценките, осум години е доволен период за поврат на инвестицијата од ваква зграда. Згради со стандардот NZEB веќе се изградени во многу европски земји, како и во соседството – Бугарија и во Грција.
Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, професор д-р Миле Станковски, вели дека оваа институција посветува особено внимание на енергетската ефикасност.
„Ова е трет проект на ФЕИТ посветен на енергетската ефикасност, а постои и студиска програма на која се едуцираат кадри за енергетска ефикасност. Исто така, веќе сме во фаза на завршување на фасадата на Факултетот, која е висок степен на енергетска ефикасност“, вели Станковски.
Според Игор Панчевски, слушател на курсот и преставник на Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија, Комората посветува внимание на професионалната доедукација на своите членови.
„Овие згради NZEB се стандард во земјите на Европската унија, а Македонија сака да биде дел од ЕУ. Затоа е добро што се едуцираат инженерите преку вакви курсеви. Комората посветува сериозно внимание на професионалната доедукација на инженерите и архитектите“, вели Панчевски.