Во рамките на повеќедневната посета на САД, министерот за економија Ваљон Сарачини денеска во Њујорк се сретна со претставници на Управниот одбор на Стопанската комора на Менхетен.
На средбата беа разгледани можностите за соработка на оваа комора, која брои 100.000 членки, меѓу кои и Google, Microsoft и City Bank, со деловните здруженија во Македонија, информираат од Министерство за економија.
“На иницијатива на министерот за економија беше договорено потпишување Меморандум за соработка со коморите од двете земји, со цел меѓусебна размена на искуства. Сарачини предложи и креирање листи на производи кои се од посебен интерес за компаниите од двете земји, а ќе придонесат за продлабочување на деловната соработка меѓу деловните субјекти, во насока на подобрување на трговската соработка меѓу двете земји, која веќе една деценија се одвива согласно правилата, принципите и правната регулатива на СТО”, соопшти Министерството за економија.
Посебно интересни за американскиот пазар се производите од фармацевтската и прехрамбена индустрија, а министерот за економија посебен акцент пред присутните стави на промовирање на ИТ секторот. Беше разгледана и можноста за испраќање наши студенти на пракса во компании членки на Стопанската комора на Менхетен.
Средбата беше искористена и за презентирање на можностите за инвестирање во Република Македонија, вклучувајќи ги предностите на бизнис климата, даночните олеснувања и актуелните инвестициски проекти.
Mинистерот Сарачини се сретна со првиот човек на Fast Pack Store, Иванчо Ивановски со седиште во сојузната држава Њу Џерси, фирма која е најголем увозник и дистрибутивен центар на производи од Македонија во САД. На средбата Сарачини и Ивановски разговараа за можноста за пласирање нови производи од Македонија на пазарот на САД. Беше предложено организирање средба со компании од Македонија кои се заинтересирани за пласирање на нивните производи во САД, по примерот на веќе етаблираните Витаминка, Виталиа, Европа, Винчини и Алкалоид.