Вината на македонската винарија Стоби продолжуваат да добиваат одлични оценки од светските вински критичари, а една од најважните пофалби доаѓа од реномираниот медиум Вашингтон пост, се вели во соопштението.
Стручњакот Дејв Мекинтаер кој пишува за овој престижен американски медиум го издвои Вранец Веритас од бербата од 2011 година и го смести меѓу најквалитетни вина од Балканот и од Мала Азија. Кон комплиментите за Стоби деновиве се приклучи и американскиот весник Инфорум, а критичарот Рон Смит беше воодушевен од Пино Ноар, истакнувајќи дека станува збор за вино кое вреди да се побара и Македонија ја опиша како силен играч во интернационалната винска сцена.
Мекинтаер во текстот кој излезе месецов во Вашингтон пост во тесната селекција на пет исклучителни вина од Балканот и од Мала Азија го стави и Вранец Веритас.
“Вранец е темно црвено грозје кое е поврзано со калифорнискиот зифандел и со балканскиот плавац – мали. Станува збор за прекрасно вино со убав мирис кое совршено оди со чадено месо или со говедска чорба“, посочува Мекинтаер кој воедно води и неговиот специјализиран блог.
Критичарот на Инфорум, пак, го издвои Пино Ноар кое е лесно црвено вино со рубин нијанса и со силна арома на шумска јагода.
“Потекнува од Градско кое е на иста географска ширина со Бургундија и со Руската речна долина и регионот е познат по нивните вина Пино Ноар и Шардоне“, пишува Рон Смит.
Стоби уште од самото влегување на американскиот и британскиот пазар добива одлични оценки од огромен број на критичари кои пишуваат за светските најпознати медиуми како Волстрит журнал и Вашингтон пост. Во декември минатата година, Вранец Веритас беше пофалено и од британскиот вински гуру Џенсис Робинсон која е советник за винската визба на кралицата Елизабета Втора. Таа пишува за престижниот медиум Фајненшл тајмс каде на читателите им го препорача виното за божиќната трпеза посочувајќи дека доколку Вранец доаѓаше од некоја поочекувана, мејнстрим локација, а не од Македонија, би чинело двојно повеќе.
Македонската винарија е лоцирана во општина Градско, веднаш до античкиот локалитет Стоби и годишно произведува околу 4,5 милиони литри вино. На крајот на 2015 година беа промовирани шест нови премиум вина Акација, Аура, Аксиос, Аминта, Вердо и Веритас, кои го претставуваат “најдоброто од најдоброто“ создадено од стручниот тим на Стоби.