Започна обуката за наплата на побарувањата на CEED Македонија и EOS Матрих

150

obuka naplata modul 1Започна програмата за наплата на побарувањата на CEED Македонија и EOS Матрих, наменета за менаџери и луѓе кои учествуваат во продажба, односно кои директно или индиректно се вклучени во процесот на наплата во фирмите.

Темата на првиот модул беше Политики и процедури за наплата во продажба или како да се планира наплатата во фаза на продажба. Со присутните, во панел дискусија своите искуства и совети ги споделија Сашко Блажевски, менаџер на продажба во Прилепска пиварница, Владимир Вецовски, сопственик и генерален директор на Р3 Инфомедиа, Димче Маркоски, раководител на експозитура Прилеп – Охридска банка, Робин Зимбаков, сопственик и директор на Солопром, Радослав Каранфилов, сопственик на Краснаја доо. Воведниот дел и дискусијата ги отвори Јован Маџовски, директор на CEED Македонија, а воведно обраќање имаше и Ана Николовска – Ристовски, заменик генерален директор на EOS Матрих.

Преку дискусија беше разгледуван најголемиот проблем на кој наидуваат фирмите денес, а тоа е како да си ги наплатат продадените услуги и производи. Со овој проблем најмногу се соочуваат микро и малите фирми во Македонија. Некои од нив се принудени дури и да ги затворат своите бизниси, затоа што, како што беше потенцирано во дискусијата, кризата ги чисти тие што знаат да продадат, но не знаат да наплатат.

Во рамките на оваа програма, остануваат да се разработат уште два модули, модул 2: Политики и процедури за наплата во финансии и модул 3: Политики и процедури за наплата во фаза на долг.

Вториот модул е фокусиран повеќе на финансиските инструменти за наплата и ќе покрива теми како финансиски инструменти и методи, пресметки на максимална задолженост на компанијата, рејтинг листа и негативна листа на компании неплаќачи, каматни листи и слично. Исто така, ќе бидат разгледани принципите на градење систем за наплата, вклучувајќи ги можните методи за наплата, мониторинг и следење на наплатата и алатките за комуникација со клиентите – должници.

Третиот модул ќе се занимава со правните аспекти на наплатата, како што се правни превентивни мерки околу наплата на побарувања и правно издржани договори како превентивна алатка при наплата. Модулот ќе опфати и теми за вонсудската заштита, се со цел наплатата благовремено да се реализира.