Македонската компанија Новафин создаде мрежа на компании за полесен пласман на пазарот

57

Novafin - Davor Nastevski

Македонската компанија Новафин Груп, разви систем за полесен пласман на пазарот на различни производи. Создавајќи мрежа на компании, Новафин ја помага и поддржува нивната дистрибуција и промоција на домашниот, а преку својата дејност во Србија и Црна Гора и на регионалните пазари.

“Како млада компанија што почнува да се развива од сам почеток, без да се потпира на какво било претходно искуство или капитал, за релативно краток период успеавме да обезбедиме стабилна позиција на пазарот во Република Македонија. Наидувајќи на многу препреки при пласманот на пазарот, дојдовме до решение како да настапуваме заеднички или како група. Со помош на нашата логистика, овие компании коишто се наши партнери добиваат можност за пласман на пазарите, дистрибуција и промоција“, вели Давор Настевски, генерален менаџер на Новафин Груп.

Специјализирана за увоз извоз и дистрибуција на производи за широка потрошувачка, Новафин Груп се јавува и како производител на македонски производи кои потоа ги пласира на регионалните пазари.

“Бележиме постојан раст и денес Новафин Груп е компанија којашто обезбедува врвни услуги во областа на производството, дистрибуцијата, логистиката на домашниот, но и на регионалните пазари. Досегашниот успех се должи на стручната експертиза на локалниот тим, покажувајќи максимална ефикасност и ефективност во работењето, професионалната, техничка и know how поддршка“, вели Настевски.

Брендовите Mr. Spice додаток за готвење, Mollis хартиени салфетки и бришачи и кроасаните Le Baffeto што Новафин Груп ги пласира на пазарите се произведени од македонски производители со што преку партнерскиот однос се помага развојот и на останатите компании. Со тенденција за раст и развој компанијата за брзо најавува проширување на производното портфолио како и дистрибутивниот асортиман и мрежа.

Новафин Груп на македонскиот пазар постои од 2012 година, а препознатливоста со којашто се одвојува од конкурентите е широката дистрибуција на производите до сите продажни центри на големо и мало во земјата.