Меѓународното училиште Нова и фондацијата Борис Трајковски распишаа конкурс за стипендирање ученици

58

Megjunarodno uchilishte NOVA

Меѓународното училиште Нова и фондацијата Борис Трајковски го распишуваат годинашниот конкурс за доделување три целосни стипендии за четиригодишно школување во оваа образовна институција.

Стипендиите се доделуваат 11-та година по ред, а се наменети за ученици од земјава кои по завршувањето на основното образование сакаат школувањето да го продолжат во гимназијата Нова. Пријавувањето на конкурсот почнува на 22-ри февруари, а ќе трае до 10-ти март 2016 година и е отворен за сите ученици од деветто одделение.

Кандидатите се пријавуваат со поднесување електронска апликација преку интернет страницата на Нова. Селекцијата на кандидатите се врши преку тестирања по англиски јазик и математика и напишан есеј на зададена тема. Најдобро пласираните дваесет и пет кандидати ќе треба да поминат дополнително тестирање, додека шест од нив ќе имаат и интервју пред стручна комисија.

Тројцата стипендисти, освен што ќе добијат целосни стипендии за школувањето во Нова, ќе добијат и поддршка за време на четиригодишното школување активно да учествуваат во локални, регионални и меѓународни соработки и настани. Преку овие можности тие ќе се надградат со цел да ја претставуваат мисијата и визијата на училиштето, фондацијата, но и својата држава.

“Квалитетното образование е темел врз кој се градат успешните луѓе. Токму тоа е и целта на оваа програма за стипендирање, да им помогне на идните ученици да се осознаат, да соработуваат, и да ги остварат своите сништа и кон подобрување на својата заедница. Досегашните резултати покажуваат дека сме успешни на овој план. Нашите стипендисти по матурирањето го продолжуваат својот пат успешно, а дел од нив веќе се потврдени професионалци во својата област, што нѐ прави особено горди“, велат од меѓународното училиште Нова.

Програмата за стипендирање почна во 2005 година, досега ја завршија осум генерации матуранти, кои своето образование го продолжија на врвни факултети во Европа и во САД.