Лазањи со коњско месо и во грчките маркети – истраги во цела ЕУ

68

findusРоманското коњско месо стигна и до продажната мрежа во Грција, тврди грчкото издание Весник на уредниците. Весникот наведува дека грчката агенцијата за контрола на квалитетот на храната открила примероци на коњско месо во два производи на француската компанија Комижел, кои се продавале во супермаркетите на Карфур во Грција.

Според Весник на уредниците, ова месо потекнувало од Романија, од каде го купила холандска фирма, која пак го продала на кипарска компанија од која се снабдувал францускиот производител.

Аферата со коњското месо изби пред неколку дена, кога Британската агенција за безбедност на храната соопшти дека во лазањите на шведската компанија Финдус е пронајдено преку 60% коњско месо. Финдус тестираше 18 примероци на лазањи што ги произведува француската компанија Комижел и во 11 од нив е откриено од 60% до 100% коњско месо. Според првичните информации, месото потекнува од Романија, од каде на компанијата Шпангеро и е испорачано со погрешна декларација. Оваа компанија ја снабдувала фирмата Комижел, која произведува прехранбени производи за Финдус. Финдус, пак, најави дека ќе подигне тужба, а истрага отвори и романската влада.

На македонскиот пазар нема смрзнати лазањи со говедско месо од шведскиот бренд Финдус, потврдија инспекциски контроли.
Како што соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство, контролите се спроведени веднаш по добиеното известување од британската Агенција за безбедност на храната дека смрзнатата храна од одредени производители, наместо говедско, содржи голем процент коњско месо.
„Во конкретниот случај, не станува збор за проблем поврзан со безбедноста на храната, туку со декларирањето, поточно со прекршок кој се однесува на измама на потрошувачите“, наведува Агенцијата и посочува дека ќе продолжи со засилен мониторинг на операторите со храна во земјава и со следење на состојбата на европскиот пазар.

Властите во Европа смируваат дека нема причина за загриженост за здравјето на луѓето. Сепак, инспекторите за храна се загрижени дека може месото да содржи траги од лекот фенилбутазон, кој најчесто се користи за лекување на коњи. Месото од животни третирани со фенилбутазон може да претставува ризик за здравјето на луѓето и не е дозволено да влезе во синџирот на исхрана.