WeFood е првата продавница во Данска во којашто се продава храна чиј рок е пред истек или е со оштетена амбалажа, поради што би се нашла во ѓубре.
“WeFood е првиот супермаркет од ваков вид во Данска и можеби во светот што се грижи не само за луѓето со ниски приходи, туку и за оние кои се загрижени за големите количини храна што се фрлаат. Многумина сметаат дека оваа продавница е позитивна и политички коректна иницијатива за справување со проблемот“, изјави Пер Бјер од невладината организација DanChurchAid, на отворањето на продавницата, пренесува The Local.dk.
WeFood нуди различни видови на продукти, меѓу кои леб, овошје и зеленчук, млечни и месни производи, како и замрзната и исушена храна, коишто инаку би завршиле во ѓубре бидејќи им е оштетена амбалажата или им истекува рокот на употреба.
Цените во продавницата се очекува да бидат од 30% до 50% поевтини од супермаркетите.
Во Данска секоја година се фрлаат околу 700.000 тони храна. WeFood е чекор напред кон решавање на овој проблем.