Четворица од Програмата за практиканти во ОКТА оваа година станаа дел од тимот на компанијата. Во април започнува нов циклус на оваа континуирана програма на ОКТА, каде студентите практично се подготвуваат за работен ангажман во една компанија.
„Програмата која активно ја спроведуваме и развиваме во ОКТА претставува одлична можност за студентите да се стекнат со нови професионални вештини и знаења. Како една од најголемите компании во земјава, сметаме дека преку организирање на вакви општествено одговорни иницијативи им помагаме на студентите да се подготват за предизвиците кои ги очекуваат по завршување на академското образование. Кај нас, практикантска програмата покажа дека стекнатото искуството во една меѓународна компанија ги прави посамоуверени, а со тоа и поконкурентни на пазарот на труд”, изјави Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации на компанијата.
Од големиот број на пријавени студенти во последниот циклус на програмата, беа избрани најдобрите кои беа ангажирани во тримесечна пракса во компанијата. Оние кои покажаа исклучителни вештини и желба за понатамошен професионален развој им беше продолжен договорот, по што беа задржани во компанијата.
„Отсекогаш сонував да работам во голема компанија. Кога се пријавив за програмата идеја ми беше да се стекнам со искуство кое ќе ми овозможи практично да го применам моето академското знаење, да научам да се справувам со секојдневните работни задачи и обврски. Теоријата и практиката се две сосем различни нешта и затоа сметав дека ваков тип на пракса ќе ми овозможи значајно искуство. Сега мојот сон стана реалност и затоа им порачувам на сите студенти да не се откажуваат од своите соништа”, изјави Жаклина Кузманова, една од вработените практиканти.
Студентите со програмата за практикантството влегуваат во оперативните процеси на компанијата на одредено работно место. За секој од нив има назначено ментор од ОКТА, кој преку делегирање на работни задачи и одговорности го воведува и насочува практикантот во деловните активности на компанијата. Како и во претходните циклуси, ОКТА им обезбедува превоз, оброци и дополнителни парични средства на сите практиканти кои учествуваат во програмата.
Програмата продолжува за студенти кои се последна година од нивните додипломски студии, како и на магистерски студии од Универзитетот Св. Кирил и Методиј на Економскиот, Правниот, Градежниот, Технолошко-металуршкиот Факултет, Факултетот за Електротехника и Информациски технологии и Природно-математичкиот факултет, како и студентите на приватниот универзитет Американ Колеџ.