Укинување на платените дневни паузи, траење на отказен рок за време на боледување, намалување на отпремнините. Ова се предлозите што на маса ги ставија хрватските работодавачи, со цел да се олеснат условите за работа и да станат поконкурентни. Но, по безболно спроведената прва фаза од преговорите за измените во Законот за работни односи, следува рововска битка во која синдикалната и работодавната страна тешко дека ќе ги усогласат ставовите, пишуваат хрватските медиуми.
Паузата од 30 минути работодавачите нема да ја сметаат во работното време. Меѓу нивните желбите е отказниот рок да трае за време на боледување. Барањето го оправдуваат со бројни злоупотреби, со фактот дека многу работници одат на долгорочно боледување последниот ден од отказниот рок.
Уште едно барање на хрватските работодавачи се најде на удар на критиките. Тие бараат како единица за пресметување на годишниот одмор да не се зема работен ден, туку недела, што во медиумите се интерпретираше како предлог во годишните одмори да влегуваат и викендите и празниците.