Италија е на самиот врв на надворешнотрговски партнери и инвеститори во Србија, но има многу можности за унапредување на економската соработка, како што е заеднички настап на трети пазари надвор од Европската унија, оцени потпретседателот на српската влада, Расим Љајиќ, јавува Танјуг.
“Најдобра препорака за сите инвеститори кои мислат да вложуваат во Србија се 600 италијански компании кои работат во оваа земја, вработуваат 20.000 работници и остваруваат годишен приход од 2,5 милијарди евра”, порача Љајиќ од Милано каде присуствуваше на бизнис форум.
Обемот на стокова размена меѓу двете земји е 2,4 милијарди евра. Италија е втор надворешнотрговски партнер на Србија во извоз, веднаш зад Германија, трет по вредноста на увозот, а еден од петте најголеми странски инвеститори.
Тој ги повика италијанските инвеститори да ја посетат Србија, да се уверат во можностите за нови вложувања и укажа на погодностите за инвестирање, од даночни олеснувања до конкретни субвенции, како што е од 4.000 до 10.000 евра за секое отворено работно место.
Италијанските компании во Србија се присутни во банкарскиот сектор, каде заземаат 25% од пазарот на вкупната банкарска актива, додека осигурителните куќи држат 44% од вкупниот пазар. Присутни се и компании од областа на градежништвото, енергетиката, машинската индустрија, електрониката, текстилот и автомобилската индустрија.